Жените на вечерашниот протест во Битола им делеа јајца на полицајците што ја чуваат општинската зграда од бојосување.
„Ако немате јајца повелете“, им рекоа демонстрантите на полицајците кои во кордон ја обезбедуваа зградата на општинската администрација, каде што е и седиштето на помилуваниот градоначалник Владимир Талевски.
Жените кои протестираа на полицајците им подарија велигденски јајца. Повеќето ги зедоа јајцата, малкумина го одбија ваквиот гест.
Битолчани и вечерва ги продолжија протестите за оставка на битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Овој пат, иако Први мај беше пред две дена, тие на протестот побараа поголеми работнички права и социјална правда. Говорниците на протестот симболично ги врзаа Општината, Судот и Полицијата и рекоа дека тоа е Бермудскиот триаголник на Битола во кој што е изгубена правдата.