ДЕЛ ОД УЧЕНИЦИТЕ ОСТАНАА БЕЗ ПРЕВОЗ, ОД ОПШТИНА БИТОЛА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ ВОЗАТ СО ОПШТИНСКИОТ ЛИНИСКИ ПРЕВОЗ

    ДЕЛ ОД УЧЕНИЦИТЕ ОСТАНАА БЕЗ ПРЕВОЗ, ОД ОПШТИНА БИТОЛА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ ВОЗАТ СО ОПШТИНСКИОТ ЛИНИСКИ ПРЕВОЗПроблемот со превозот е основен причинител на финансискиот колапс на битолските училишта и нивните долгови само по тој основ изнесуваат над 770.000 евра

    Ученици од околните општини кои учат во Битола од вчера останаа без бесплатен школски превоз, па нивните родители се жалат дека морале од џеб да им ги плаќаат билетите. Од Општина Битола велат дека бесплатниот школски превоз во иднина ќе го вршат превозниците на општинскиот и меѓуопштинскиот линиски превоз и дека учениците ќе добијат безбеден превоз по пазарни цени. На овој начин ќе се решева и проблемот со долговите за превоз кои финансиски ги колабираа училиштата.

    „Имам две деца кои учат во Битола. Вчера им беше кажано дека истекол договорот со превозникот и бидејќи во селото немаме редовна линија за автобуски превоз, сега учениците треба да излегуваат на крстосницата надвор од селото, па оттаму да земаат автобус. Вчера и денеска, од свој џеб плативме по 80 денари во еден правец“, вели Тони Ангелевски од село Вашарејца, Општина Могила.

    Денеска на прес-конференција, Јован Тозиевски, претседател од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Ресен, рече дека околу 150 ученици од Ресен, кои средното образование го продолжиле во Битола, останаа без превоз кој им е загарантиран од Министерството за образование и наука. Тој рече дека доколку проблемот не биде решен, родителите се закануваат со порадикални мерки.

    Од Медицинското училиште во Битола, каде има поголем број ученици од околните општини, велат дека со измените во Законот за превоз на патниот сообраќај, учениците се изедначуваат со останатите патници, па ќе можат да го користат меѓуопштинскиот превоз.

    „Правиме списоци во училиштата кои треба да им се достават на превозниците. Онаму каде има по двајца превозници, им се остава да изберат еден и им се доставува возен ред. Ова ќе потрае неколку дена и проблемот ќе биде решен“, велат од Медицинското училиште.

    Општина Битола се огласи со соопштение, во кое вели дека на подрачјата каде има утврден возен ред, превозот ќе го вршат носителите на дозвола за општински линиски превоз. Бесплатниот превоз на ученици на две или повеќе општини каде што има утврден возен ред ќе го вршат превозниците за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени со превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници.

    В понеделник, на седница на Советот, ќе се гласаат и новите тарифи за превозот, кои ќе бидат пониски од оние во минатото. Билет за едно возење во една зона ќе чини 20 денари, за две зони 35 денари, за три зони 45 денари, а за четири зони 55 денари.

    Од Општина Битола велат дека на овој начин прават обид еднаш засекогаш да го решат проблемот со превозот, кој е основен причинител на финансискиот колапс на битолските училишта. Во моментов, нивните долгови само по основ на превоз изнесуваат над 770.000 евра.

    Токму за неправилности во организирањето на бесплатниот школски превоз се водат случаите Транспортер 1 и 2, во кои се осомничени ексградоначалникот Владимир Талески, поранешниот секретар на Општината и други бивши директори на училишта и превозници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира