Денеска во 18 часот, пред Домот на градежници во Скопје почнува Второмајскиот протестен марш, што го организира Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за работнички права. Протестот, како што се вели во првомајскиот проглас на Повелбата, е против „постојаното погазување на правата и достоинството на работничките и работниците како една од клучните неправди што ги живееме“.
„Повикуваме на здруженост во борбата за поголеми права и подобри услови за работа. Веруваме дека само преку соработка и работничка и синдикална солидарност можеме да се спротивставиме на притисокот на актуелните антиекономски и антисоцијални политики“, се вели во прогласот за протест, во кој се бара измена на низа закони од различни области со кои се уназадиле или скршиле работничките права .
Потписници на Повелбата за солидарност се десет синдикати и организации од различни сектори и тоа: Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) , Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ, Движењето за социјална правда ЛЕНКА, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО), Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Независниот академски синдикат (НАкС) и Младинската организација МУГРА.
Протестот го поддржува и граѓанската иницијатива Протестирам, која од утре во 18 часот пред СЈО продолжува со протестите кои прекинаа поради продолжениот викенд за Велигден и Први мај.