Решени да му се спротивстават на новиот американски претседател, илјадници жени пристигнаа во Вашингтон за маршот, чија цел е да му се покаже на Доналд Трамп дека тие нема да молчат во наредните четири години. Организаторите на Женскиот марш на Вашингтон очекуваат над 200.000 луѓе да се појават за помирен протест во однос на вчерашниот хаос, создаден од самопрогласените анархисти кои излегоа на улиците за време на инаугурацијата на Трамп.
Неколку часа пред женскиот настан во Вашингтон, луѓе пристигнуваа во главниот град, носејќи светло розови шапки и транспаренти со пораки како „Иднината е женска“ и „Помалку страв, повеќе љубов“.
Организаторите на маршот велат дека жените се „повредени и исплашени“ од претседателствувањето на Трамп и сакаат поголем глас за жените во политичкиот живот.
„Во духот на демократија и во чест на прваците на човековите права, достоинството и правдата, кои го поплочија патот пред нас, се собираме во различностите да го покажаме нашето присуство во бројка која ќе биде голема и нема да може да се игнорира“, соопштија организаторите.
Маршот привлече и значајна поддршка од славните личности и меѓу говорниците ќе бидат Скарлет Јохансон, Ешли Џад и Мајкл Мур. Жени и други групи денеска протестираат низ целиот свет од Австралија до Британија.