Во автобуската несреќа што се случи вечерва околу 19 часот во близина на велешката патарина на автопатот кон Скопје има многу повредени, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од велешката болница. Повредени се транспортираат и кон Скопје.
Таму се примени осум повредени, од кои двајца поради многу тешки повреди се префрлени во Скопје.
Од Скопскиот ургентен центар, но и од другите скопски болници уште нема информации колку повредени се примени.
Засега нема податоци колкава е точната бројка на повредени и дали евентуално има и жртви затоа што транспортот уште трае. Повредените се носат и со приватни возила.
Автобусот враќал македонски туристи од Грција во организација на една скопска туристичка агенција. МВР соопшти дека туристите биле на Савана турс и се враќале од одмор. Дознаваме дека биле од одмаралиштата на првиот крак на Халкидики.
На местото на несреќата каде што автобус со грчки регистарски таблички излета од патот само од Велес се упатени четири екипи на Брзата помош. Во болницата е мобилизиран целиот медицински персонал.
Извлекувањето на повредените оди отежнато затоа што на автопатот има долги колони возила.
П. ПЕЧКОВ