Германската полиција кажа дека вчерашниот напад со автомобил во центарот на Лајпциг немал верски или политички мотиви. Триесет и тригодишен германски државјанин е уапсен на самото место откако со автомобил удри десетици пешаци во популарна шопинг улица во Лајпциг, при што загинаа две лица. Тој ѝ се предал на полицијата без да дава отпор.
Во нападот загинаа 63-годишна жена и 77-годишен маж, двајцата германски државјани, а 22 луѓе се повредени.
Шефот на покраината Саксонија, Михаел Кречмар, изјави дека напаѓачот порано страдал од ментални проблеми, но мотивот на нападот не е јасен.
„Апсолутно сме шокирани од она што се случи. Еден човек со голема брзина влезе во трговската област. Моментално жалиме за две жртви, три лица се со тешки повреди и многу други се повредени“, рече градоначалникот на Лајпциг, Буркхард Јунг.
Полицијата синоќа го опиша инцидентот како намерен, но нема назнаки дека некој друг е вмешан.
„Врз основа на сегашните сознанија, истражителите не веруваат дека сторителот имал политички или религиозен мотив, ниту дека имал помагачи“, изјави шефот на полицијата на Лајпциг, Рене Демлер.



