Руските здравствени власти инсистираат дека здравствената состојба во сибирскиот регион Иркутск е стабилна по смртта на лабораториска техничарка во локален центар за истражување на чума и други заразни болести, објавија државните медиуми.
Вработена во Истражувачкиот институт против чума на Сибир и Далечниот Исток била хоспитализирана минатиот вторник со симптоми на тешка пневмонија и починала два дена подоцна. Од администрацијатата на Доналд Трамп вчера изјавија за „Аксиос“ дека Белата куќа ги следи извештаите за можен случај на чума во Русија.
На 28-годишната лабораториска техничарка ѝ била дијагностицирана пневмонија со непозната етиологија, според соопштението на руската агенција за безбедност на потрошувачите „Роспотребнадзор“. Медиумските извештаи ја опишаа инфекцијата како пневмонична чума, која ги зафаќа белите дробови и може да се шири помеѓу луѓето преку респираторни капки.
„Роспотребнадзор“ соопшти дека лабораториската анализа на материјалот од пациентката не открила никакви микроорганизми поврзани со нејзината работа.
Според „Интерфакс“, специјалната комисија на институтот и „Роспотребнадзор“ заклучиле дека немало никаква итна состојба или нарушување на безбедноста. Надзорниот орган забележал дека во претходните 10 дена не се регистрирани други случаи на заразни болести кај вработените во институтот.



