МОРА ДА ЈА СПАСАМ СЕСТРА МИ – ДЕВЕТГОДИШНИОТ НИКОЛА Е ПРВО ДЕТЕ ДОНОР НА МАТИЧНИ КЛЕТКИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ЛЕУКЕМИЈА

    МОРА ДА ЈА СПАСАМ СЕСТРА МИ – ДЕВЕТГОДИШНИОТ НИКОЛА Е ПРВО ДЕТЕ ДОНОР НА МАТИЧНИ КЛЕТКИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ЛЕУКЕМИЈАНикола со тимот од Хематологија и Детската клиника (Фото: Министерство за здравство)

    Деветгодишниот Никола од Скопје е првото дете-донор на периферни матични клетки во Македонија кои ќе бидат искористени за лекување на неговата 15- годишна сестра која боледува од леукемија.

    „Мора да ја спасам сестра ми“, им велел Никола на лекарите и сестрите од Клиниката за хематологија во Скопје додека четири часа бил врзан за машина.

    „Никола е нашата ѕвезда со насмевка“, вели директорката на Клиниката за Хематологија д-р Ирина Пановска – Ставридис. „Три пати му беше извртен целиот волумен на крвта за се извлечат матичните клетки што значат живот за неговата сестра“ вели д-р Ставридис, чиј тим, зааедно со тим од Детската клиника за прв пат во Македонија примени процедура со која отсега и децата ќе може да даруваат матични клетки за да ги спасат своите блиски. До сега ваквите интервенции се правеа само во странство.

    „За првпат кај нас, дете беше ставено на машина за од него да се извадат периферни матични клетки и да бидат искористени за третман на неговата сестра која боледува од акутна леукемија. Трансплантацијата на матични клетки е единствен спас за пациентите со акутна леукемија“, вели директорката за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Оваа интервенција е направена во соработка со Клиниката за детски болести.

    И министерот за здравство Венко Филипче денеска го посети Никола. Тој на неговиот фејсбук профил напиша дека со оваа соработка меѓу двете Клиники се отвора можност и педијатриски пациенти да бидат лекувани со најсофистицирани медицински интервенции.

    Д-р Пановска вели дека на Клиниката за хематологија имало меѓународна едукација за клеточна сепарација (афереза) и колекција на периферни матични хематопоетски клетки, донорски лимфоцити и плазмафереза, методи кои ќе се користат во третман на болните со малигни и немалигни хематолошки заболувања.

    Едукацијата ќе ја реализираат лекари специјалисти од Клиниката за хематологија и Клиниката за детски болести со помош на странски експерт.

    „Ова е втора меѓународно акредитирана едукација која се спроведе на Клиниката за хематологија во изминатиот период со цел да се воведат нови тераписки методи кои претходно не се изведувале на Клиниката“, велат од Министерството за здравство.

    Со воведувањето на новите тераписки процедури, Клиниката за хематологија станува еминентен трансплантациски центар, по примерот на европските центри за трансплантација на хематопоетски матични клетки.

    На Клиниката во период од 3 години се реализирани над 150 трансплантации, од кои 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри. Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година.

    На 15 септември, Клиниката ќе го одбележи своето искуство од 21 година со трансплантација на хематопоетски матични клетки и реализирани 615 трансплантациони процедури.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира