ОД ДЕНЕС НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА ДОСТАПЕН И АБОРТУС СО ЛЕКОВИ, СООПШТИ ХЕРА

    ОД ДЕНЕС НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА ДОСТАПЕН И АБОРТУС СО ЛЕКОВИ, СООПШТИ ХЕРАНа ГАК е опремена просторија која ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус. (Фото: ХЕРА)

    Медикаментозниот абортус или абортус со лекови од денес е достапен на Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Скопје, соопшти Здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Поради едноставноста и безбедноста по здравјето на жените, медикаментозниот абортус сѐ почесто го заменува хируршкиот метод за прекин на бременоста, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80% од абортусите во земјите во ЕУ.

    „Исто така, во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на ковид-19“, вели ХЕРА.

    ХЕРА и Клиниката го почнаа проектот на почетокот на годинава, работеа на обука на медицинскиот кадар, и плус со донација од Меѓународната федерација за планирано родителство, се реновираше и опреми просторија на Клиниката која ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус.

    Оваа соработка следи по одлуката на Министерството за здравство да го одобри Клиничкото упатство за безбеден абортус (30 декември 2020) кое дава и медицински насоки за изведување на абортусот со лекови согласно стандардите на Светската здравствена организација (СЗО). Дополнително, во рамките на Превентивната програма за здравјето на мајките и децата за 2021 година, Министерството обезбеди буџет од половина милион денари за набавка на лековите за медикаментозен абортус за ГАК.

    „Со пилотирањето на оваа услуга на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, од денес на жените ќе им биде достапна и алтернативна метода за прекин на бременоста, покрај веќе постојниот хируршки абортус. Сепак, недостигот на лековите на пазарот и недоволно обучениот медицински кадар сѐ уште претставуваат предизвик медикаментозниот абортус да биде достапен насекаде во нашата земја“, вели ХЕРА.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира