ДАЛИ СИ ОПСЕДНАТ СО МЕНЕ ПОРАДИ СЈО, ГО ПРАША СИНОТ НА НЕДЕЛКОВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВЕН ВАНГЕЛОВСКИ

    ДАЛИ СИ ОПСЕДНАТ СО МЕНЕ ПОРАДИ СЈО, ГО ПРАША СИНОТ НА НЕДЕЛКОВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВЕН ВАНГЕЛОВСКИДали од круцијално значење за опстанокот на Вангеловски на неговата функција и функционирањето на Врховниот суд и судската власт воопшто, е тоа кој ги потпишува доставниците во СЈО, прашува Давид Неделков. - Вангеловски, Неделков и Неделкова

    Давид Неделков, синот на експретседателката Лидија Неделкова, на својот фејсбук профил го праша претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски зошто е тој негова главна преокупација овие денови.

    Во подолгиот статус со наслов „Во умот на Јово Вангеловски“, Неделков, 24-годишен магистер по правни науки, го прашува зошто во таа, како што вели игра на тронови во Врховниот суд, го вклучува и него, со тоа што во неколку наврати јавно спомнува дека бил времено ангажиран во архивата на Специјалното јавно обвинителство да прима и заверува доставници што стигаат до оваа институција.

    Неделков му поставува прашање на Вангеловски: „Дали должноста на Врховниот суд е да врши контрола и надзор за тоа кој става печати и се потпишува на доставници во јавните институции кои не се дел од судската власт и во кои Претседателот на Врховниот Суд нема никакви овластувања?“

    Натаму во статусот, синот на Неделкова вели: „Воедно би сакал да го прашам Вангеловски дали од круцијално значење за опстанокот на неговата функција и функционирањето на Врховниот суд и судската власт воопшто, е тоа кој ги потпишува доставниците во СЈО?“

    На Лидија Неделкова, откако се изјасни дека е против тоа Обвинителство на Марко Зврлевски да се меша во предметите на СЈО и дека Зврлевски нема надлежност да поднесува барање да се преиспитуваат во Врховниот суд постапките на СЈО, и беа земени предметите што таа ги водела, а се во врска со Специјалното јавно обвинителство. Дури, ќе се ревидира и одлуката на претходниот кривичен совет, кога таа била претседател, каде петтемина врховни судии едногласно одлучиле дека приведувањето на осомничениот градоначалник на Пустец Едмунд Темелко од случајот на СЈО „Титаник“ е во целост исправно според Законот за кривична постапка.

    Набргу потоа тој со нов распоред што го направи за нејзина смена, целосно ја тргна од најважниот, кривичниот совет на Врховниот суд, и од сите тамошни совети со предзнак „кривичен“, иако е една од единствените пет судии-кривичари во највисокиот суд.
    За тргањето на Неделкова од предметите на СЈО Вангеловски на брифинг со новинарите, а потоа и во телевизиско интервју рече: „Верувале или не, на една од доставниците што беа испратени од Врховниот суд до СЈО, на приемот во архивата во ова обвинителство стои името, презимето и потписот на Давид Неделков. Колешката Неделкова требаше самата да побара изземање од предметите на СЈО, бидејќи нејзиниот син е ангажиран таму во архивата за прием на доставници“.

    На ова Неделков му одговара: „Во однос на тврдењата на претседателот дека на доставници од институцијата СЈО стоело моето име и презиме, кои во последното негово интервју на една од македонските телевизии беа дури и безобразно арогантни, би сакал јавно да му одговорам дека тие се апсолутно невистинити, па со оглед на овој факт не ми е јасна целта која сака да ја постигне со моето јавно прозивање“.

    Неделков во статусот вели дека не го познава Вангеловски. Се надева дека со неговото обраќање до него, на Вангеловски „ќе му се разјасни неговата животна енигма и дека конечно ќе може мирно да спие и своите мисли да ги сосредоточи кон независноста и непристрасноста на судската власт, особено во однос со странките во судските постапки, Јавното обвинителство и Адвокатската комора, кои за жал, демонстрираа дека преку постапките на избраните претставници, злоупотребувајќи ги интересите на граѓаните, претставуваат сериозна закана за нарушување на принципот на владеење на правото“.

    На крајот, Неделков се осврнува и на рефератот на Вангеловски, со кој бараше и успеа да ги убеди поголемиот дел од врховните судии да изгласаат да може Зврлевски да се меша во предметите на СЈО, што се покажа успешно за укинувањето на притворот на осомничениот бизнисмен Сеад Кочан, кој беше во бегство.
    Но и на вториот реферат поднесен од Јово Вангеловски, со кој тој предлага бомбите од прислушуваните разговори во УБК да не претставуваат доказ во постапките што ги води СЈО, а и во иднина воопшто.

    Неделков иронизира дека овие негови реферати – иницијативи за донесување на правни мислења од страна на општата седница на Врховниот суд, во правната наука се „врвен“ придонес за кои верува, како што вели, „дека долго време ќе бидат предмет на изучување од домашните и странски експерти“.

    Неговата мајка, врховната судијка Лидија Неделкова за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека нема да го коментира статусот на синот Давид, бидејќи вели тоа си е негово лично мислење и дека се согласила да го објави, бидејќи не е спомната.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    Booking.com

    Коментари