ЏАБЕ ПАНИКА, СВАДБИ ЌЕ ИМА И БЕЗ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ

    ЏАБЕ ПАНИКА, СВАДБИ ЌЕ ИМА И БЕЗ ГРАДОНАЧАЛНИЦИМатичната служба и денес закажуваше граѓански венчавки за периодот по 15 мај. - Поставување постер со младоженци во Шуто Оризари (Фото: СДК.МК)

    Матичните служби ќе склучуваат бракови и по 15 мај кога истекува мандатот на советниците и покрај вчерашното предупредување од скопскиот градоначалник дека нема да може да се склучуваат бракови во државава оти официјални сведоци се општински советници кои по истекот на мандатот немаат овластување да ги извршуваат обврските. Од скопското Матично велат дека нема и не може да има прекин во склучувањето на браковите оти тоа е право кое го гарантира Уставот на Република Македонија, а улогата на советниците и минорна.

    „Советниците имаат споредна улога во склучувањето на браковите. Тие само го читаат законот, никаде не се потпишуваат. Потпис става матичарот, кој не е дел од локалната самоуправа туку е вработен од Министерството за правда“, велат од Матично.
    Тие најавија дека до крајот на неделава ќе изградат и официјален став за тоа дали советниците по истекот на мандатот ќе продолжат да го читаат законот за време на склучувањето на браковите или ќе се најде некое друго решение.

    Матичната служба и денес закажуваше граѓански венчавки за периодот по 15 мај.
    „Ние веќе имаме еден куп закажани венчавки и не можеме сега да им се јавуваме да ги презакажуваме или да ги откажуваме. Токму пради тоа сите што ќе се јават да закажат венчавка, ќе си добијат датум“, велат од Матичното.

    Скопскиот градоначалник Коце Трајановски вчера како претседател на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) заедно со потпретседателите Невзат Бејта и Зоран Дамјановски, градоначалници на Гостивар и на Куманово, предупреди дека по 15 мај е можен колапс на локалната самоуправа.

    Склучувањето на браковите, Трајановски го посочи само како една од работите врз кои ќе се одразат истечените мандати на градоначалниците и на советниците. ЗЕЛС побара од Парламентот најдоцна до петок, неделава, да најде решение за мандатите на градоначалниците и на советниците оти противпожарните служби, поради непримање плата може да немаат услови за извршување на обврските, нема да се издаваат градежни дозволи, околу 5.000 вработени во локалната сампуправа нема да примаат плата, над 10.000 вработени во јавни претпријатија и над 30.000 вработени во основните и средните училишта и градинките, може да се доведе во прашање и испораката на вода, собирањето смет,а ќе се стопира и развојот на бизнисите и фирмите бидејќи нема да се издаваат Б интегрирани дозволи, а може да се случи да нема и улично светло.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира