Продуцентот и менаџер на легендарната британска хумористична група „Монти Пајтон“, Стив Абот, ќе прими награда за животно дело на Меѓународниот фестивал на европски филм Синедејс, што ќе се одржува од 7 до 15 ноември.
Тоа ќе се случи во рамките на посебен настан на 18. Синедејс, насловен „Оф Синедејс“, со кој фестивалот се приклучува на одбележувањето на 50-годишнината од појавувањето на „Монти Пајтон“. Притоа ќе бидат прикажани пет филмски остварувања на групата, а Абот ќе одржи мастерклас за поширока публика.
Фестивалот се отвора со премиерата на „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски, а во рамките на ГАЛА програмата ќе можат да се погледнат новите филмови на Вуди Ален („Дождлив ден во Њујорк“), Педро Алмодовар („Болка и слава“), Роман Полански („Офицер и шпион“), Џим Џармуш („Мртвиот не умира“), Бонг Јон-Хо („Паразит“), Хироказу Коре-Еда („Вистина“) и многу други.
Во рамките на музичките документарни филмови ќе има премиера на „Небеска тема”, посветен на животот и кариерата на Влада Дивљан, проследено со концерт на групата „Звук улице“ и со изложбата „Влада“.
Премиерно ќе бидат прикажани и документарните филмови „Ќеиф“ на Блаже Дулев и „Стакло“ на Нина Маџирова, посветен на нејзиниот покоен татко, музичарот Зоран Маџиров.
И на 18. издание на Синедејс ќе има селекција на македонски кратки филмови и програма за најмладите со бесплатни проекции на детски филмови, а во програмата МК во ЕУ ќе бидат прикажани најновите европски филмови во кои што учествувале и македонски продукциски куќи.
Проекциите ќе се одвиваат во кината Милениум и Фросина. Цените на билетите се 150 денари за ГАЛА програмата и 100 денари за Официјалната селекција, програмата СинеБалкан, музичките документарни филмови и за МК во ЕУ програмата. Останатите проекции се бесплатни.