БЕДРЕДИН ИБРАИМИ ВО АПЕЛАЦИЈА ПРИЗНА ДЕКА ТАЧИ МУ СЕ ЈАВУВАЛ ПРЕД ГЛАСАЊЕТО ВО ДИК, МИЈАЛКОВ ЧЕКА ДА ЈА ОБРАЗЛОЖИ СВОЈАТА ЖАЛБА ЗА ЗАТВОРСКАТА КАЗНА

    БЕДРЕДИН ИБРАИМИ ВО АПЕЛАЦИЈА ПРИЗНА ДЕКА ТАЧИ МУ СЕ ЈАВУВАЛ ПРЕД ГЛАСАЊЕТО ВО ДИК, МИЈАЛКОВ ЧЕКА ДА ЈА ОБРАЗЛОЖИ СВОЈАТА ЖАЛБА ЗА ЗАТВОРСКАТА КАЗНАБедредин Ибраими со Мендух Тачи и Сашо Мијалков на судењето за „Титаник 2“ во Кривичниот суд. (Фото: СДК.МК)

    Осудениот поранешен член на Државната изборна комисија (ДИК) Бедредин Ибраими на 4 години и 6 месеци затвор за злоупотреба на функцијата, призна во Апелациониот суд Скопје дека лидерот на ДПА Мендух Тачи му се јавувал во 2013 година за време на одлучувањето по приговорите за тогашните локални избори. Но, како што кажа денеска тој на седницата по поднесените жалби од сите осудени за „Титаник 2“, одбил да прима инструкции.

    „Но, тој разговор чесен суде, се крие. Ми се јави господинот Тачи три пати, а јас еднаш му кажав дека ќе гласам по законот, потоа не му кренав и третиот пат му одговорив, а тој ми кажа да гласам по законите и моите принципи и убедувања од фактичката ситуација. Е, тие разговори се кријат и не се објавуваат“, се пожали Бедредин Ибраими пред петчлениот судски совет во Апелација.

    Иако нема врска со овој случај, Ибраими како за споредба го спомена прислушуваниот разговор помеѓу Радмила Шекеринска и Фатмир Бесими од ДУИ, објавен од Ел Чека, во кој Шекеринска бара членот на ДУИ во ДИК да гласа принципиелно.

    „Имаше објавено идентичен разговор меѓу Шекеринска и Фатмир Бесими. Шекеринска вели ‘имаме обезбедено три гласови, ни треба уште еден глас, тоа е гласот на вашиот член’. Кој беше третиот сигурен глас на страна на СДСМ на истите избори во 2013, знаејќи го составот на ДИК? Тројца членови тогаш беа од ВМРО-ДПМНЕ како власт, двајца од СДСМ, еден од ДУИ и јас од ДПА. Ако таа бара членот на ДУИ принципиелно да гласа бидејќи им треба уште еден четврти глас, тогаш кој бил третиот принципиелен глас на кој сметал тогаш СДСМ?“, праша Ибраими.

    Ослободителна пресуда во овој предмет на СЈО, кој сега е во редовното (Вишо) обвинителство, бараат и Сашо Мијалков, Тачи, како и тројцата осудени бивши членови на ДИК.

    Мендух Тачи беше осуден на 3 години и 2 месеци затвор, Сашо Мијалков на 3 години, Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски од ДИК, сите на по тригодишна затворска казна.

    Според пресудата на Кривичниот суд, во март 2013 година како директор на УБК, Мијалков го искористил своето реално влијание и му кажал на Тачи да му наложи на Ибраими да гласа во ДИК за поништување на гласање во Струмица во корист на кандидатот за градоначалник на Струмица на ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев, иако изборите и резултатите биле чисти.

    Ибраими, како клучен глас, заедно со Срцев, Стефановска и Сајковски гласале „за“ и го поништиле гласањето.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира