Штаермеркише Банка и Шпаркасен АГ од Грац, Австрија, се стекна со 472.839 акции и 91,5733% од гласачките права во Охридска банка АД Скопје со што денеска беше извршена и промена на сопственоста на Охридска банка АД Скопје, соопшти Охридска банка.
Досегашниот сопственик на Охридска банка, Сосиете Женерал Групацијата од Париз, Франција, ги продаде сите 384.844 акции издадени од Охридска банка АД Скопје и со тоа своето учество во акционерскиот капитал во банката го сведе на 0 акции.
„Охридска банка АД Скопје останува стабилен чинител во банкарскиот сектор, партнер на македонската економија, поддржувач на бизнисите, банка посветена на сите свои клиенти и вработени и банка ориентирана кон заедницата. Деталите за преземањето на Охридска банка АД Скопје од страна на Штаермеркише Банка и Шпаркасен АГ, како и идните планови на Банката ќе и бидат официјално презентирани на јавноста на 8 ноември 2019 година“, велат од Охридска банка.
На тој начин, Охридска банка АД Скопје се приклучи кон семејството на австриската Шпаркасе групација. Шпаркасе групацијата отсега ќе дејствува преку две банки во своја сопственост во Македонија: Охридска банка АД Скопје, која до оваа промена беше дел од групацијата Сосиете Женерал, и Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, дел од Шпаркасе групацијата уште од 2008 година.
Сè до целосното спојување кое е планирано за 2021 година, Охридска банка АД Скопје и Шпаркасе банка Македонија АД Скопје ќе продолжат да дејствуваат како посебни правни ентитети, иако и двете банки ќе бидат дел од Шпаркасе групацијата. По очекуваната интеграција, банката ќе има актива од околу една милијарда евра и со тоа ќе стане четврта банка по големина во земјата.