Законот за опојни дроги е повлечен од денешната собраниска седница, откако со европско знаменце беше ставен како 7 точка на дневен ред.
Минатата недела за овој закон, кој е ставен со европско знаменце, требаше да расправа Комисијата за здравство, но расправата беше одложена, бидејќи немаше превод на материјалите на албански јазик.
Дел од невладините организации реагираа зошто овој закон се носи со европско знаменце и дека со тоа се овозможува да биде донесен по скратена постапка без јавна дискусија. Тие критикуваа дека се бирократизира постапката за одгледување канабис, а дека со тоа ќе се зголемат и трошоците и цената на лекови од канабис и побараа Собранието да го врати на доработка во Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче викендов на прес-конференција рече дека законот е ставен со европско знаменце, бидејќи со него не се регулира само употребата на канабисот во медицински цели, туку и други опојни дроги и дека токму за нив било потребно усогласување со Европските директиви, кои биле донесени пред неколку години. Тој рече дека овие директиви се донесени од Советот на Европа за полесна регистрација и следење на овие нови опојни дроги и евентуална можна злоупотреба.
Министерот рече дека по реакција на дел од невладините организации кои имале забелешки и во делот на медицинскиот канабис го повлекле законот за да се усогласат сите заинтересирани страни.
Сепак и покрај оваа изјава законот беше ставен на дневен ред на законодавно-правната комисија и на собраниска седница.
Од собраниската комисија за здравство, која воопшто и не расправаше за предложеното законско решение велат дека законот е повлечен на доработка од Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА