ОБВИНИТЕЛОТ ЈАКИМОВСКИ МУ ЈА ОСВЕЖИ МЕМОРИЈАТА НА ВОЗАЧ НА „ДУРМО ТУРС“, КОЈ ЕДНО КАЖАЛ ЗА НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ ВО ОЈО, А ДРУГО СЕ ОБИДЕ ДА КАЖЕ ПРЕД СУДОТ

    ОБВИНИТЕЛОТ ЈАКИМОВСКИ МУ ЈА ОСВЕЖИ МЕМОРИЈАТА НА ВОЗАЧ НА „ДУРМО ТУРС“, КОЈ ЕДНО КАЖАЛ ЗА НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ ВО ОЈО, А ДРУГО СЕ ОБИДЕ ДА КАЖЕ ПРЕД СУДОТСо оглед дека при сослушувањето во Обвинителството дал подиректен одговор, обвинителот Јакимовски побара пред сведокот Салии да се прочита изјавата што ја дал таму. (Фото: СДК.МК)

    Џемаил Салии, возач на превозникот „Дурмо турс“, чиј автобус лани се преврте по што загинаа 16 лица, а 38 беа тешко повредени, призна дека на левата страна од таблите на неговите автобуси, имало вградено копче за манипулација со тахографите за брзината на движењето.

    „На левата страна имаме уред за мерење на брзината, копче за вклучување и исклучување на манипулаторот на тахографот. Не знам кога бил вграден“, одговараше сведокот Салии на прашања на обвинителот Дарко Јакимовски на денешното рочиште во Кривичниот суд.

    Прашањето дали обвинетиот шеф на возниот парк Ремзи Мифтари е одговорен за неговото возење како возач на „Дурмо турс“ и дали можело ваков уред за манипулација да се вгради без знаење на Мифтари, судот не го дозволи, поради тоа што сведокот претходно го дал следниот одговор:

    „Ништо не може да се прави без знаење на Ремзи, ни да се вршат поправки, ни преглед да им се прави, едноставно, ни гума да се смени на автобусите на ‘Дурмо’ без тој да знае“.

    Со оглед дека при сослушувањето во Обвинителството дал подиректен одговор, Јакимовски побара пред сведокот да се прочита изјавата што ја дал таму.

    Во февруари, Салии пред обвинител кажал дека „шефот на возниот парк Ремзи Мифтари знаеше дека се прави манипулација на брзината. Не сме реагирале. Ист ваков систем е ставен и во другиот црвен автобус. Системот на вклучување неправилно мерење на брзината ги вклучуваме на автопат, кога може да се вози со голема брзина“.

    „Во вториот исказ што го дадовте на 21.3. 2019 година рековте дека ’за манипулаторот кој што бил вграден во автобусот знам дека постои уште кога почнав да работам. Не знам кој го поставил. За ова беше одговорен Ремзи Мифтари. Тој одлучуваше за поправки. Ни шофершајбна, ни гума, ни какво било делче без него не можеше да, се смени. Автобусите на технички ги носеше Ремзи Мифтари. Тој беше шеф. Тој беше одговорен за тахографите‘“, му ја освежи Јакимовски меморијата на сведокот.

    Иако претходно кажа дека бил под стрес и во тага кога ја давал доброволно изјавата во Обвинителството, кога Јакимовски му исчита што кажал за тахографот и одговорноста на Ремзи, кажа:

    „Да, го кажав ова. Се е точно, сево ова го кажав во Обвинителството“.

    Салии плачеше кога го праша Јакимовски како дознал за несреќата.

    „Страшна трагедија се случи, изгубив двајца блиски членови од моето семејство кои беа во автобусот“, липташе Салии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира