МЕТИЛ АКРИЛАТ МОНОМЕР ИМА ВО ЦЕВКИТЕ И РЕЗЕРВОАРОТ ВО ОХИС, НО НЕ И НАДВОР ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ПОКАЖА ЛАБОРАТОРИСКАТА АНАЛИЗА

    МЕТИЛ АКРИЛАТ МОНОМЕР ИМА ВО ЦЕВКИТЕ И РЕЗЕРВОАРОТ ВО ОХИС, НО НЕ И НАДВОР ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ПОКАЖА ЛАБОРАТОРИСКАТА АНАЛИЗАМинистерот за животна средина Насер Нуредини на денешниот брифинг со новинарите уверуваше дека ситуацијата е под контрола. - Влезот на фабриката ОХИС (архивска фотографија)

    Резултатите од мерењата на акредитираната лабораторија од Штипскиот универзитет покажале присуство на опасната материја метил акрилат мономер во цевки и во резервоар во ОХИС, но немало надвор во животната средина. Министерот за животна средина Насер Нуредини на денешниот брифинг со новинарите уверуваше дека ситуацијата е под контрола и дека инспекторатот ја следи ситуацијата. Тој кажа и дека ќе побараат одговорност од сопственикот на фирмата за тоа што се случило.

    „Нема место за паника, ситуацијата е под контрола“, рече Нуредини.

    Тој рече дека рокот на тендерот за чистење на малата депонија со линдан и неговите изомери во кругот на фабриката е продолжен до следниот месец на барање на Организацијата за индустриски развој при Обединетите нации (УНИДО), бидејќи тендерот е меѓународен и оваа агенција е задолжена за негова реализација.

    Постапката за чистење на хемикалиите во кругот на „Охис“ го врши фирмата „Екоцентар 97“, која треба да го извезе отпадот во Швајцарија, каде ќе се врши негово уништување.

    Во петокот, при миење цистерна преку кои се вршело препакување на метил акрилат мономер се излеала водата. Како што тогаш кажаа од Инспекторатот на Министерството за животна средина, пукнал вентилот на цистерната и водата се излеала во танкваната, еден вид када. Станува збор за околу 7 тони вода, која е контаминирана бидејќи со неа се миеле хемикалиите. Инспекциските служби на централно и локално ниво постапиле по дојава од жители кои утрово почувствувале непријатна миризба во околината на фабриката.

    „Инспекторатот е редовно известуван, а во петокот направивме и вонреден надзор. Во цистерната немало од хемикалијата, туку имало вода со која таа требало да се измие. Течноста е собрана уште викендот и цистерната е дезинфицирана“, рече Пејо Кировски, инспектор во Државниот инспекторат за животна, кој додаде дека ги чекаат резултатите од мострите што ги зеле АРМ.

    Од АРМ велат дека во петокот од нив асистенција побарало Министерството за внатрешни работи и дека била испратена екипа од единицата за атомско-биолошка и хемиска одбрана, која имаа специјална опрема за интервенција во вакви случаи.

    „Нашата екипа зеде мостри од испарувањата во воздухот, кои потоа се предадени на надлежните институции“, велат од АРМ.

    Ана Мазнева, од секторот за отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање, на брифингот со новинарите рече дека фирмата која го чистела отпадот била избрана на тендер кој го распишал стечајниот управник на ОХИС, а дека Министерството дало кои критериуми претходно треба да се исполнат за да може да се врши препакување и извоз на хемикалиите.

    „Се работи за имот кој не во надлежност на државата, што не е случај со депониите со линдан. Во случајот тендерите се распишани од доверителите и ти одлучуваат кои компании ќе ги добијат. Министерството нема одговорност во избор на компаниите, од нас се бараше дадеме кои критериуми треба да се исполнат за да се добијат соодветни дозволи за извоз на овој отпад. За депониите со линдан имавме точни податоци какви загадувачки материи треба да се отстранат, додека за останатите отпад немаме податоци и врз откако тие ќе се препакуваат и ќе се види нивниот состав ќе се знае каде ќе се носат тие хемикалии дали во Швајцарија или Германија или во други земји“, рече Мазнева на прашањето како државата целосно го води процесот за чистење на депониите со линдан, а не е вклучена во чистење на останатите хемикалии.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира