СЕ РЕКОНСТРУИРА УЧИЛИШТЕТО ВО КРАВАРИ – ЦЕЛО СЕЛО НА КАНАЛИЗАЦИСКА МРЕЖА, А ТОА ОСТАВЕНО СО СЕПТИЧКА ЈАМА

    СЕ РЕКОНСТРУИРА УЧИЛИШТЕТО ВО КРАВАРИ – ЦЕЛО СЕЛО НА КАНАЛИЗАЦИСКА МРЕЖА, А ТОА ОСТАВЕНО СО СЕПТИЧКА ЈАМАВо некои училници постоела опасност децата да пропаднат во подот (Фото: СДК.МК)

    Кравари некои веќе не го сметаат за село, зашто е најблиската населба до Битола. Таму канализација има педесет години, но единственото основно училиште што го има беше оставено со септичка јама. Во училиштето денеска започна санацијата на внатрешниот простор со средства на Општината од 610.000 денари, а воедно ќе се вложат уште еден милион денари за да се направат приклучување кон канализациската мрежа, дренажа на објектот и прифаќање на атмосферските води кои течат по ѕидовите.

    „Запрепастувачки е да видите населба која има канализационен систем, а образовната институција ја оставиле со септичка јама. Ние прво планиравме да реконструираме внатре, зашто и таму состојбата беше очајна. Замислете детето да дојде на час и да постои опасност столчето да му пропадне во подот. Но, кога на самото место видовме што сѐ се случува од надворешната страна, ни стана јасно дека треба да се интервенира на повеќе места“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Настава во училиштето посетуваат педесетина ученици. Под две училници во кои сега се санира подот и се става цврста подлога имало околу два метра високи визби. Во другите училници пак има влага.

    „Покрај тоа што не функционираше фекалната канализација, немаше никаква дренажа на самото училиште, а и атмосферските води од покривот слободно течеа по ѕидовите и има големо оштетување. Ќе се изведе дренажа и прифаќање на атмосферските води од покривот и ќе се поврзе во канализациската мрежа, која е изградена во 1980-ите од жителите на Кравари. Сѐ ќе заврши до почетокот на декември“, рече Методија Силјановски, директор на јавното претпријатие „Нискоградба“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира