ОБВИНЕТ ПРИЗНА ДЕКА ПОД ЗАКАНИ НА „ДУРМО ТУРС“ ВЕРИФИКУВАЛ ОТВОРЕНА И ОШТЕТЕНА ЦРНА КУТИЈА НА АВТОБУСОТ КОЈ СЕ ПРЕВРТЕ КАЈ ЛАСКАРЦИ И ОДНЕСЕ 16 ЖИВОТИ

    ОБВИНЕТ ПРИЗНА ДЕКА ПОД ЗАКАНИ НА „ДУРМО ТУРС“ ВЕРИФИКУВАЛ ОТВОРЕНА И ОШТЕТЕНА ЦРНА КУТИЈА НА АВТОБУСОТ КОЈ СЕ ПРЕВРТЕ КАЈ ЛАСКАРЦИ И ОДНЕСЕ 16 ЖИВОТИВо сообраќајната несреќа кај Ласкарци во март, загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени. - Од увидот по несреќата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тахографот или црната кутија во автобусот на „Дурмо турс“ кој поради брзо возење се преврте кај Ласкарци бил со тргната пломба и отворен, за да се стави лажирач на брзината. Иако тоа го видел и утврдил дека е вграден манипулатор на брзината на движење на автобусот, обвинетиот овластен контролор В.Г. од Гостивар под закани дека ќе му биде затворена фирмата и уништена дејноста, незаконски на компанијата „Дурмо турс“ ѝ дал потврда за уредна состојба на тахографот.

    Кривичното дело на 15 октомври, во издвоена постапка од онаа за големото судење за сообраќајната несреќа со 16 загинати, обвинетиот го призна во целост, но објасни пред судијата Славица Андреева од Основниот суд Скопје 1 зошто го сторил тоа.

    За несовесно работење во службата В.Г. доби условна затворска казна од 2 години, ако во наредните 5 не го повтори кривичното дело. Патем, Андреева во Кривичниот суд на овој обвинет му изрече и забрана за вршење на работи на инсталирање, проверка, контрола и поправка на аналогни и дигитални тахографи во времетраење од пет години.

    „В.Г. му овозможил на ‘Дурмо турс’ и на одговорното лице, Дурмиш Белули, да поседуваат доказ за исправноста на тахографот во автобусот за да може да учествува во сообраќајот на јавните патишта, а притоа возачите кои го управувале автобусот да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци предвидени во член 38 од ‘Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата’, поради пречекорување на дозволената брзина на движење на автобусот“, пишува во пресудата што ја објави Основниот суд Скопје 1.

    „Обвинетиот делото го сторил на 05.01.2018 година, што укажува за безобѕирноста и начинот на кој функционирал превозникот ‘Дурмо турс’ и ‘Автомото Здружението Гостивар’. Не само што сами на себе де факто си вршеле контрола на исправноста на превозните средства – автобусите, туку имале овластување и тахографските уреди во автобусите кои сами ги манипулирале, врз основа на ова решение да ги оценат дали се исправни или не. Меѓутоа, и покрај тоа што оваа работа заради која што сега одговара обвинетиот, можеле сами да ја завршат, му ја доделиле на обвинетиот, тој да ја заврши и да ја ’аминува‘ исправноста на тахографскиот уред“, наведува судијката Андреева.

    Според обвинителот Дарко Јакимовски „ако В.Г. не го направел тоа, поради позицијата на евидентна и нескриена моќ на подрачјето на Општина Гостивар од страна на битни лица поврзани со превозникот ‘Дурмо турс’ и ‘Автомото Здружението Гостивар’, ќе се соочел со последица неговата работилница да биде затворена, бидејќи работата секако ‘Дурмо турс’ сами ќе можеле да ја завршат. Во меѓувреме стекнале овластување самите да потврдуваат дека се исправни манипулираните тахографски уреди“. Тој вели дека дејствието на обвинетиот не е за оправдување, но сепак неговиот исказ е битен преку него јавноста да разбере каков коруптивен систем во делот на безбедноста на патниците постоел.

    Во пресудата се наведува дека судот го цени исказот на обвинетиот за „преголемата моќ и поврзаност на правното лице ‘Дурмо турс ДООЕЛ’ со високи структури на извршната власт и можноста да има негативни реперкусии по однос на работењето на фирмата, чиј сопственик и управител е обвинетиот, ако одбие да се постапи согласно нивните барања“.

    Во сообраќајната несреќа кај Ласкарци во март, загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира