МЛАДИ ГЕВГЕЛИЧАНИ ЈА ЧИСТЕА НАСЕЛБАТА ИЛИНДЕНСКА ОД ПЛАСТИКА ШТО СЕ РЕЦИКЛИРА И ЗАСАДИЈА ПАЛМИ

    МЛАДИ ГЕВГЕЛИЧАНИ ЈА ЧИСТЕА НАСЕЛБАТА ИЛИНДЕНСКА ОД ПЛАСТИКА ШТО СЕ РЕЦИКЛИРА И ЗАСАДИЈА ПАЛМИУчениците за два часа собраа околу 53 килограми пластика што се рециклира (Фото: СДК.МК)

    Шеесетина ученици учествуваа во едукативната еко-акција во Гевгелија, каде што во населбата Илинденска го чистеа расфрланиот отпад и ја собираа пластиката што може да се рециклира. Основците од „Крсте П. Мисирков“, „Владо Кантарџиев“ и „Страшо Пинџур“ од Јосифово, но и средношколците од „Јосиф Јосифовски“ прво преку забава се едуцираа која пластика може повторно да се преработи, а потоа заедно со екипи на ЈП „Комуналец“ ја чистеа населбата, при што пластиката ја селектираа за да ја продадат.

    Собраната пластика беше однесена во откупен пункт (Фото: СДК.МК)

    „Радува фактот што се одзваа голем број ученици кои сакаат чиста и зелена Гевгелија. Илинденска беше најчистото маало во Гевгелија, но во последниве години, сѐ повеќе отпад се остава и фрла од несовесни граѓани. Преку дружење и едукација, населбата се чистеше, а пластиката се собираше за продажба, за да можат собраните средства повторно да ги инвестираме во нашата средина“, изјави Марина Томова од здружението „Changemakers”, организатор на акцијата.

    Учениците за два часа собраа околу 53 килограми пластика што се рециклира. Со „Комуналец“ ја однесоа во откупен пункт, а со парите што ги заработија купија палми кои ги засадија во населбата Илинденска, со цел да остават силна порака дека не треба да се фрла отпад насекаде.

    „Тоа беше замисла на учениците, со парите од продажбата на пластиката да набават дрвца и да се засадат. Нашата цел беше да иницираме свест за чиста и зелена Гевгелија и да упатиме порака дека секој треба да се грижи за своето маало, улица“, додаде Томова.

    Најдобри во собирањето пластика беа учениците од ООУ „Крсте П. Мисирков“ и како награда, од организаторите добија еднодневна еко-екскурзија на планината Кожув.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира