СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ЈА ПРИЈАВИЛА РУСКОВСКА КАЈ ЈОВЕСКИ И СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ЗА ЗАКАНИТЕ ДО СУДИИ

    СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ЈА ПРИЈАВИЛА РУСКОВСКА КАЈ ЈОВЕСКИ И СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ЗА ЗАКАНИТЕ ДО СУДИИАпелациониот суд Скопје вели дека ваквото постапување на обвинителката Вилма Русковска претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки. - Обвинителите Вилма Русковска и Љубомир Јовески на прес-конференција за „Рекет“ (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје ја пријавил шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска кај Државниот обвинител Љубомир Јовески и Советот на јавни обвинители и побарал од нив да преземат мерки, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Како што соопшти претходно Скопска апелација, Русковска синоќа му испратила смс порака на еден од судиите во тричлениот совет што ја пушти Катица Јанева во куќен притвор со содржина:

    „Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.“

    Од Апелациониот суд во соопштението велат дека ваквото однесување на Русковска е кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители и за тоа писмено се известени надлежните институции.

    Здружението на судии застана во целост зад соопштението на Апелациониот суд Скопје и oстро ги осуди ваквите напади врз судиите, повикувајќи да престанат притисоците врз судиите при носењето на слободни судски одлуки што е загарантирано со Уставот и е гаранција за владеење на правото.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира