МАЛ ШЕНГЕН НЕ Е АЛТЕРНАТИВА ЗА ЕУ, ТУКУ ГОЛЕМА ШАНСА САМИ ДА НАПРАВИМЕ НЕШТО, РЕКОА ПЕНДАРОВСКИ И ВУЧИЌ НА СРЕДБАТА ВО БЕЛГРАД

    МАЛ ШЕНГЕН НЕ Е АЛТЕРНАТИВА ЗА ЕУ, ТУКУ ГОЛЕМА ШАНСА САМИ ДА НАПРАВИМЕ НЕШТО, РЕКОА ПЕНДАРОВСКИ И ВУЧИЌ НА СРЕДБАТА ВО БЕЛГРАДПендаровски и Вучиќ ги нагласија добрите односи помеѓу двете земји и така што цело време се шегуваа еден со друг (Фото: Кабинет на претседателот)

    За САКАМДАКАЖАМ.МК од Белград, Горан Конев

    Мал Шенген е нешто најдобро што го направил Балканот во последните 30 години и не е никакво создавање на четврта Југославија или алтернатива за Европската Унија, заклучија претседателите на Македонија и Србија Стево Пендаровски и Александар Вучиќ на нивната прва официјална средба во Белград.

    Опишувајќи го Пендаровски како поголем оптимист од себеси кога се во прашање евроинтеграциите, особено по последното барање на Франција да се промени методологијата на идно преговарање, тој кажа дека Македонија и Србија не треба да чекаат да добијат нешто, туку треба да се потрудат сами да заработат нешто.

    „Сите чекаме да станеме членка на ЕУ, но не сум сигурен дека тие се сигурни што сакаат со нас. ЕУ сега бара начин да ја задоволи Македонија поради Преспанскиот договор, но што после тоа. Затоа сум среќен со овие наши регионални иницијативи. Сакам да се заврши она време кога сите се играа со нас како со кукли и затоа веќе нема да кажам ништо лошо за никого во регионот. Со оваа иницијатива ќе можеме да истапуваме и како политички блок. Да гледаме ние да заработиме некоја милијарда плус, а не да чекаме да ги добиеме од Европа. За три години ќе имаме голема корист од ова“, кажа Вучиќ.

    Постојано шегувајќи се еден со друг, и Пендаровски и Вучиќ сакаа да нагласат дека помеѓу двете земји нема никакви отворени прашања.

    „Ова е моја прва посета на Србија и потврда за одличните односи помеѓу нас. Двете земји ги поврзува долга традиција, но и иста, европска визија за иднината. Разговаравме и за француската иницијатива за промена на методологијата. За нас не постои друга алтернатива освен членство во Европската Унија. Упатуваме јасни пораки дека ЕУ не треба да заборави на Западен Балкан. Моја проценка е дека усвојувањето на новата методологија ќе биде долг и сложен бирократски процес и Макрон бара таа да се усвои во јануари, најдоцна во март 2022“, рече Пендаровски.

    Што се однесува до економската размена, Вучиќ откри дека таа оваа година првпат ќе ја пробие психолошката граница од една милијарда евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира