Поранешниот премиер Владо Бучковски денеска во завршните зборови на судењето за „Тенковски делови“ кажа дека му била украдена победата, бидејќи тој и другите обвинети покажале дека нема дело, а обвинителството се повлече поради застарување на делото и на тој начин не им дозволи да докажат дека не се виновни. Сепак, рече тој, во нерамноправна борба ги победиле креаторите на случајот, поранешниот министер за правда Михајло Маневски и неговата сопруга Филимена, како и нивните соработници од судството и обвинителството, посочувајќи ги судијката Вангелина Маркудова и обвинителот Петар Аневски, за кои кажа дека на нивни грб направиле кариери.
„Ги победивме креаторите. И Михајло и Филимена и судиите и обвинителите, кои решија на наш грб да прават кариера. По налог на Михајло и Филимена, некој тргна политички да ја пресече главата на Бучковски и како трофеј да ја прикаже на Илинденска во 2007 година. Другите четворица се овде зашто не прифатија лажно да сведочат. Бевме тормозени, но не се предадовме“, рече Бучковски во завршните зборови.
Потоа, пред судот потсети дека тогашната судијка Маркудава подоцна стана уставна судијка, а тогашниот обвинител Аневски стана претседател на Советот на јавни обвинители.
Според обвинението, на крајот на 2001 година, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата „МЗТ ФОП“ нарачале резервни делови за тенковите „Т-55“. Шест години подоцна Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка и во јули 2007 година поднесе обвинение против тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ Методи Стамболиски за злоупотреба на функциите и со нереално барање за набавка на резервни делови за армиските тенкови причиниле штета од речиси 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра.
Во септември 2016, Врховниот суд ги укина осудителните пресуди на Основниот суд Скопје 1 и на Апелациониот суд Скопје против Бучковски, Стамболиски, како и против неколкутемина вработени во Министерството за одбрана и директорот на „МЗТ ФОП“ и предметот е вратен на почеток, на трето судење во Основниот суд Скопје 1.