СВЕСНИ ЛИ СТЕ ДЕКА ПРОТЕСТИРАТЕ ПРОТИВ ТРИ ДЕЦА КОИ НЕМАЛЕ СРЕЌА ВО ЖИВОТОТ, ИМ РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ГРУПНИОТ ДОМ „РАНКА МИЛАНОВИЌ“ НА ЖИТЕЛИТЕ НА ВИЗБЕГОВО

    СВЕСНИ ЛИ СТЕ ДЕКА ПРОТЕСТИРАТЕ ПРОТИВ ТРИ ДЕЦА КОИ НЕМАЛЕ СРЕЌА ВО ЖИВОТОТ, ИМ РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ГРУПНИОТ ДОМ „РАНКА МИЛАНОВИЌ“ НА ЖИТЕЛИТЕ НА ВИЗБЕГОВО„Не протестираме против младите деца во објектот, кои не по своја вина се нашле во установата за нивно згрижување, туку против неадекватноста на изборот на објектот“, рекоа денес жителите на Визбегово пред групниот дом каде има деца од Јавната установа за деца со социјално-воспитни проблеми (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дваесетина жители на скопската населба Визбегово денеска протестираа пред групниот дом во населбата, каде се сместени три деца на возраст од 12, 13 и 14 години. Децата неодамна се преместени од поранешната јавна установа за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение „Ранка Милановиќ“, како дел од процесот за деинституционализација кој веќе две години го спроведува Министерството за труд и социјална политика.

    „Не протестираме против младите деца во објектот, кои не по своја вина се нашле во установата за нивно згрижување, туку против неадекватноста на изборот на објектот. Речено ни е дека овој објект бил одбран како најдобар за младите лица, при што не е јасно како може да не е воочено дека во непосредна близина се наоѓа прифатилиште за бегалци или пропатувачи низ државава. Младите лица во доцните вечерни часови шетаат по главните улица на Визбегово, кад нема тротоар, но има значително голема фреквенција на запрежни коли, автомобили и камиони. Има и голем број на улични кучиња. Во непосредна близина има државно подрачно училиште од прво до петто одделение во кое учат 30-тина деца. Нашата скепса се сведува на можноста да дојде до несакани конфликти. Не ни е јасно како младите лица навечер излегуваат слободно од објектот и одат по соседните куќи за да бараат цигари. Ваквата појава говори дека над нив нема никаква контрола и треба да се под 24 часовен надзор на нивните воспитувачи“, кажа Катерина Тодороска од населбата.

    Жителите бараат дислокација на објектот, и сметаат дека целиот процес е „нечиј личен интерес“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Следните говорници го повторија ставот дека бараат дислокација на објектот, кажаа дека сметаат дека целиот процес е „нечиј личен интерес“ и дека ќе продолжат со протести, па и до пред Министерството за труд и социјална политика.

    Директорката на поранешната установа „Ранка Милановиќ“ Виолета Масевска-Палиќ во дворот на групниот дом кажа дека децата утрото биле дислоцирани за да не бидат вознемирувани и да бидат цел на напади на жителите. Во домот се сместени 3 деца, а има услови за пет.

    „Дали се свесни жителите дека протестираат против деца од 12, 13 и 14 години кои немале среќа во животот? Деца за кои државата се ангажира да им помогне да станат општествено одговорни и социјални личности, па еден ден да стигнат и до раководители“, рече директорката.

    На реакцијата на жителите дека децата навечер излегувале од објектот, таа рече дека „тоа е сепак групен дом, не е затвор“ и дека децата за да излезат надвор треба да добијат согласност од стручните лица вработени во домот.

    Директорката на трансформираната установа „Ранка Милановиќ“ Виолета Масевска-Палиќ и Виктор Караев (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во соопштението од Министерството стои: „Децата со дозвола од вработените, смеат да излезат од куќата до 21 часот или да повикаат некого кај себе. Сепак нашите проверки покажаа дека децата не се движеле надвор од групниот дом во доцните вечерни часови, ниту пак доаѓале гости надвор од вработените и мајсторите кои го финализираат уредувањето на дворот“.

    Министерството вели дека куќата е избрана со посредништво од агенција за недвижности и е во согласност со стандардите за групни домови, како и со препорака на странскиот консултант ангажиран од УНИЦЕФ за организирање на ваков вид јавна услуга.

    „За крај, позади синтагмата ‘социјално-воспитни проблеми и нарушено поведение’ се крие дете со тежок, несреќен почеток во животот“, велат од кабинетот на министерката Мила Царовска.

    Жителите исто така реагираа дека не биле консултирани околу објекот, но од Министерството демантираат и потенцираат дека биле повикани и имале средби со министерката, и додаваат дека им стојат на располагање за сите дополнителни информации и појаснувања.

    „За жал ова е уште еден тажен ден за децата од групните домови. Се сеќавате на случајот со Тимјаник. Дури имавме и реакции против дислокација на доенчиња од Мајчиниот дом во Битола“, рече Виктор Караев, надвореш соработник за процесот за деинститулизација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира