Над 40.000 вработени во јавната администрација, заедно со граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ што ја покрена актерката Ирена Ристиќ, на 14 декември ќе исчистат локации во Скопје и во други градови во земјава, најави денеска министерот за за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
„Ова ќе биде масовна акција за чистење, која планираме да стане и традиционална. На овој начин вработените од државните институции ќе помогнат за зачувувањето на животната околина, а ќе влијаеме и на свеста на граѓаните, за да успееме да ги зачуваме чисти локациите откако ќе заврши акцијата. Само со заеднички напори можеме да постигнеме почиста животна средина за сите нас. Наместо да одат на работа, вработените на 14 декември, во периодот од 9 до 12 часот, ќе помогнат да се исчистат барем некои од загадените локации низ градовите“, рече Манчевски и додаде дека вака вработените ќе го надоместат неработењето на 2 јануари, кој беше прогласен за неработен за државните институции.
Здравствените работници, наставниците, вработените во градинките како и оние кои не можат да отсуствуваат од работното место, ќе го чистат кругот на установите каде работат. Локациите каде што ќе се чисти ќе бидат дополнително објавени заедно со „Не биди ѓубре“, а ќе биде обезбеден соодветен алат.
Иницијативата „Не биди ѓубре“ што ја покрена актерката Ирена Ристиќ, изминативе две години ги мобилизира граѓаните самите да го исчистат сметот од улиците и јавниот простор, почна во Скопје и брзо се прошири и во другите градови низ земјава.