Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро неосновано го обвини актерот и екологист Леонардо ДиКаприо дека го финансирал намерното палење на амазонските дождовни шуми.
Болсонаро, кој претходно се закани дека ќе ги избрка сите еколошки невладини организации од Бразил, во неколку наврати изнесе вакви обвиненија, за кои не понуди никаков доказ.
„Леонардо ДиКаприо е кул момче, нели? Тој дава пари за да се палат амазонските шуми. Тој е дел од меѓународна кампања против Бразил“, кажа Болсонаро во разговор во живо преку Фејсбук.
Синот на Болсонаро, Едуардо, напиша на Твитер дека ДиКаприо донирал 300.000 долари на невладина организација која подметнувала пожари во Амазонија. Тој исто така го обвини Светскиот фонд за природа дека плаќал 13.000 фунти за фотографија од запалена шума.
Стотици пожари ја пустошеа Амазонија ова лето, што предизвика меѓународна криза. ДиКаприо тогаш кажа дека неговата организација ќе донира пет милиони долари за заштита на амазонските дождовни шуми.