Општина Тетово го стави предлог буџетот за 2020 година на јавна расправа пред граѓаните и граѓанските организации. Раководителите на секторите од Општината ги образложија буџетските ставки за нивните ресори и што планираат да направат во наредната година. Загадувањето, урбанизмот и активностите против коцкарниците и казината во Тетово беа теми за кои се поставуваа најмногу прашања и се даваа многу идеи.
„Локалната самоуправа има преку 300 вработени, а само четворица се инспектори по екологија, што е срамота. Во општинските канцеларии има најмалку 50 правници и економисти, кои по цел ден седат и ништо не работаат. Бараме од наредната година тие да се оспособат и да почнат да работат како комунални и еколошки инспектори, ако сакаме да се постигне некој резултат во зачувувањето на животната средина“, беше едно од барањата на учесниците на јавната расправа.
Многу критики беа насочени кон делот на урбанизмот, посебно околу барањата за легализација на одредени објекти, поправка на улици, пробивањето и пуштањето во употреба на булеварот Благоја Тоска. Подолга расправа предизвика иницијативата на група граѓани за затворање на казината во градот.
„Зошто се дозволува отворање на казина во кафулиња, зошто Општината дозволува да се отвораат нови казина, зошто не се затвораат постоечките кога граѓаните тоа го бараат?“, беа дел од прашањата упатени од граѓаните и од граѓанската иницијатива „Анти коцкање“.
Од надлежните општински сектори кажаа дека дозволите за отворање казина ги дава ресорното министерство, а тие, како Општина, тука немаат никакви ингеренции, но се залагаат да се донесе нов закон за игри на среќа.
Еден од присутните на расправата даде предлог во Тетово да се организира референдум за ова прашање.
Освен ова, граѓаните побараа Општината да обрне повеќе внимание на исправноста на возилата со кои се превезуваат ученици, да најде начин да ги отстрани кучињата скитници од улиците, да се издвојат средства за зајакнување на родовата еднаквост и да почне да се одбележува 8 април како ден на ромската заедница во Општината.
З. АНДОНОВ