„БРАЧНА ПРИКАЗНА“ СО ШЕСТ НОМИНАЦИИ ГО ПРЕДВОДИ ПОХОДОТ НА „НЕТФЛИКС“ НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ

    „БРАЧНА ПРИКАЗНА“ СО ШЕСТ НОМИНАЦИИ ГО ПРЕДВОДИ ПОХОДОТ НА „НЕТФЛИКС“ НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИГлавните ѕвезди на „Брачна приказна“ Скарлет Јохансон и Адам Драјвер се меѓу актерските номинации (Фото: АП)

    Со по четири номинации за најдобар филм и најдобра серија, односно со вкупно 34 номинации, стриминг гигантот „Нетфликс“ би можел да биде голем победник на 77. издание на Златните глобуси.

    „Брачна приказна“ ја предводи листата со шест номинации, вклучувајќи ги и оние за главните актери Скарлет Јохансон и Адам Драјвер, а филмот ќе се бори и за титулата најдобра драма, заедно со „1917“, „Џокер“, „Двајцата папи“ и „Ирецот“, уште еден голем хит на „Нетфликс“.

    Во категоријата најдобра комедија/мјузикл номинирани се „Долемајт е моето име“, „Зајакот Џоџо“, „Беше еднаш во… Холивуд“, „Рокетмен“ и „Нож во грб“.

    „Беше еднаш во… Холивуд“ и „Ирецот“ имаат по пет номинации.

    За најдобар актер во драма, покрај Драјвер, конкурираат и Хоакин Феникс („Џокер“), Кристијан Бејл („Ле Ман ‘66: Славни 24 часа“), Антонио Бандерас („Болка и слава“) и Џонатан Прајс („Двајцата папи“), а во женска конкуренција се уште Шарлиз Терон („Тие се бомби“), Синтија Ериво („Хариет“), Рене Зелвегер („Џуди“) и Сурша Ронан („Мали жени“).

    Бонг Јун Хо („Паразит“), Мартин Скорсезе („Ирецот“), Квентин Тарантино („Беше еднаш во… Холивуд“), Сем Мендес („1917“) и Тод Филипс („Џокер“) се во жестоката конкуренција за најдобар режисер.

    Номинација за најдобар странски филм добија „Клетници“, „Болка и слава“, „Паразит“, „Збогување“ и „Портрет на жена во оган“.

    Златните глобуси ќе бидат доделени на 5 јануари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира