„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ВО ПОТЕСЕН ИЗБОР ЗА НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ И ЗА СТРАНСКИ ФИЛМ

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ВО ПОТЕСЕН ИЗБОР ЗА НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ И ЗА СТРАНСКИ ФИЛМАко добие номинација за Оскар во двете категории, „Медена земја“ ќе биде прв македонски филм што успеал во тоа. (Фото: Медена земја)

    Македонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов влезе во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Американската филмска академија го објави потесниот избор филмови во 9 категории од кој што на 13 јануари ќе се изберат по пет кои ќе добијат номинација за Оскар.

    Ако добие номинација за Оскар во двете категории, „Медена земја“ ќе биде прв македонски филм што успеал во тоа.

    Во категоријата најдобар документарец се избрани 15 филмови од 159 пријавени, а „Медена земја“ за номинација ќе се бори со „Адвокатка“, „Американска фабрика“, „Аполо“, „Аполо 11“, „Акварела“, „Најголемата мала фарма“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“, „За Сама“, „Големото хакирање“, „Урни ја куќата“, „Девојка’, „Полноќно семејство“, „Нација со по едно дете“.

    „Медена земја“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм, но во категоријата за најдобар документарец се квалификува поради победата на фестивалот Докавив во Тел Авив.

    Во категоријата најдобар странски филм во потесниот избор влегоа 10 филмови од 91 пријавени. Со „Медена земја“ избрани се и „Обоена птица“ од Чешка, „Вистина и правда“ од Естонија, „Клетници“ од Франција, „Оние што останаа“ од Унгарија, „Корпус кристи“ од Полска, „Сучка“ од Русија, „Атлантикс“ од Сенегал, „Паразит“ од Јужна Кореја и „Болка и слава“ од Шпанија.

    Освен за овие две, Академијата го објави потесниот избор филмови за уште 7 споредни категории. Членовите на академијата до 7 јануари ќе гласаат за потесниот избор и на 13 јануари ќе се изберат по пет номинирани филмови за секоја категорија. Оскарите се доделуваат во 25 категории, а традиционално за најважна се смета онаа за најдобар филм.

    Оскарите ќе се доделат на 9 февруари во Холивуд.

    „Пред дождот“ на Милчо Манчевски е единствениот македонски филм кој има номинација за Оскар, ја доби во 1995.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира