Со амандман на пратеникот Диме Велковски од СДСМ, парите за Специјалното јавно обвинителство (СЈО) исчезнаа. Сите предвидени средства во септември во првиот текст на Буџетот, со амандманот кој е усвоен, ги добива Државната изборна комисија, за предвремените парламентарни избори. Пратениците ова му го стокмија на СЈО пред да биде укината институцијата со двотретинско мнозинство, онака како што беше донесен законот за СЈО. Го прават и во услови кога нема нов Закон за јавнообвинителска служба со кој би се регулирале платите на вработените, како и плаќањето на комуналните услуги – струја, парно, вода, телефонските сметки, интернет. Расправата за предложениот буџет, дополнет со амандмани почна вчера во Собранието.
Којзнае кога ќе се донесе и нов закон за Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, со кој би се уредил точно трансферот на материјалите, бомбите, доказите, предистрагите, истрагите. Во новата верзија на законот за Јавно обвинителство, Специјалното се укинува само со една реченица, и тоа не со посебен член, туку на крајот, во преодни и завршни одредби. Обвинителство за висока корупција нема да има, си останува истото Обвинителство за организиран криминал и корупција, кое според описот на кривичните дела во најновата верзија, ќе ја преземе надлежноста на СЈО. Ќе гони кривични дела од висока корупција.
Извори од работната група која го изготвила најновиот нацрт-закон за Јавно обвинителство кој стана услов за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, за САКАМДАКАЖАМ.МК негодуваат што нема посебен закон за престанок на важење на Законот за СЈО, со кој ќе се уреди прашањето за статусот на вработените, опремата, материјалите, како и уредување на начинот за уништување на материјалите кои не се во судска постапка.
Според нив, еден ден ова ќе се проблематизира од страна на лицата под истрага и значи нивна тивка амнестија, бадијала потрошени пари на граѓаните и бришење со гума на се она што било работено со месеци во истрагите на СЈО. Иако во нацрт верзијата пишува дека Обвинителството за организиран криминал ја зајакнува независноста, финансиска и суштинска, во Буџетот за 2010 година се забележува дека генерално, на Јавното обвинителство на РС Македонија, му се скратуваат милион евра за разлика од оваа година. Шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, исто како и досега, го бира Советот на јавни обвинители.
С. К. ДЕЛЕВСКА