Земјоделците од Велешко сѐ уште не го добиле обесштетувањето од невремето кое ги зафати општините Велес и Лозово пред година и половина. Тоа се случи на 13 јуни 2018, кога според проценките на стручните служби во двете општини, поројниот дожд, градот и ветерот направиле штета од 190 милиони денари, од кои 150 милиони во Лозово и 40 милиони во Велес.
Освен што досега не добиле обесштетување, земјоделците ќе почекаат на исплатата, оти постапката била во тек, најави Николче Бабовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, при посетата на населбата Чашка.
„Треба да заврши целата процедура. Проценките одат до второстепена владина комисија, во Биро за судски вештачења, кое кажува колку е точно штетата. Потоа Владата носи одлука со колкав процент ќе бидат обесштетени земјоделците и која надлежна институција ќе го спроведе. До таа фаза уште не сме стигнати“, изјави Бабовски.
Кај правните лица штетата од ланското невреме е поголема – 121 милион денари, додека кај физичките лица е 69 милиони. Штетата е регистрирана на површина од 5.700 хектари – 3.300 во Лозово и 2.400 во Велешко. Најголеми штети има во селата Каратманово, Дорфулија, Милино, Лозово и Иванковци, на јачмен, пченица, пченка, овес, но и лозје, овошки и градинарски култури. Во двете општини пристигнале вкупно 1.100 пријави од оштетени правни и физички лица-земјоделци.
П. ПЕЧКОВ