Владата на наредната седница на 24 декември ќе склучи договор со САД за набавка на 33 лесни оклопни возила, откако собраниската Комисија за одбрана и безбедност вчера даде едногласна поддршка за набавката соопшти Министерството за одбрана.
„Договорот се однесува на набавка на 33 лесни оклопни борбени возила наменети за опремување на Лесна пешадиска баталјонска група, која како членка на НАТО ќе ја декларираме да биде на располагање на Алијансата. Оваа единица ќе учествува во НАТО операции и нејзината способност ќе биде индикатор за нашата подготвеност да ги преземеме обврските како земја членка. По поддршката од страна на собраниската Комисија се очекува Владата на својата наредна седница на 24 декември да го склучи Договорот со Владата на САД“, велат од Министерството за одбрана.
Од министерството додаваат дека оваа набавка е само почеток во опремувањето на Лесната пешадиска баталјонска група кое ќе се одива во две фази.
„Во првата фаза која трае од 2019 до 2024 година треба да бидат набавени вкупно 151 возило. При тоа, лесните оклопни возилата се дел од планот за целосна модернизација на Армијата кој е веќе почнат и ќе се одвива етапно во наредните години. Во таа насока за 2020 година е предвидено околу 20 проценти од буџетот во одбраната да се намени за модернизација на капацитетите“, велат од Министерството за одбрана.