Црна лента на белите ѕидови низ Мала станица, наместо уметнички дела е поставката на традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), која беше отворена синоќа.
Црната лента, како што вели за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на ДЛУМ Филип Фидановски е симболичен протест против лошите политики на Министерството за култура. На последниот конкурс за Годишната програма за национален интерес во културата, ДЛУМ од Министерството за култура доби пари за каталози, ама не и за изложбите за кои треба да бидат испечатени каталозите.
ДЛУМ побарало пари за шест изложби во 12 ставки, а Министерство одобрило 210 илјади денари и само 1 ставка, за која се потребни 44 илјади денари за подготовка и печатење на каталог.
„Со ова конечно го дигаме нашиот глас. Досега сѐ се сведуваше на тоа: ‘Аха, добро ќе средиме’, но нема веќе да молчиме. Со оваа црна лента на која уметниците испишуваа пораки синоќа сакаме да испратиме порака до Министерството и до комисиите да обрнат повеќе внимание на Годишната програма за 2020. Ликовната уметност е на дното. Ликовните уметници не земаат хонорари за своите дела. Државата не откупува дела, нема никави стимулативни мерки за уметниците. Порано се откупуваа дела и се поставуваа во државните институции, во Националната галерија, во Музејот на современа уметност. Државата нема никаков третман за уметниците“, рече Фидановски.
Тој додава дека нивниот протест се совпадна со штрајкот на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ), но дека се радува оти во еден ден културата беше во фокус на јавноста.
ДЛУМ вечерва ќе ја додели наградата „Нерешки мајстори“ за животно дело, во Уметничкиот центар АРТ ХАБ (ГТЦ 2 кат) во 20 часот, а годинашна добитничка е Анета Светиева.
Б. НЕСТОРОСКА