Веќе трета година Сојузот на борците од Штип и претставници на Општината положуваат цвеќиња на обезглавени и осквернавени спомен бисти и обележје. Најсвеж пример е со одбележувањето на денот на загинувањето на првоборците Васил Доганџиски и Јаким Стојков кои загинале во НОБ во декември 1942 година.
Нивните спомен бисти се наоѓаат во паркот меѓу ОУ „Ванчо Прќе“ и Гимназијата „Славчо Стојменски. Спомен бистата на Васил Доганџиски е без глава, а бистата на Јаким Стојков е со скршен нос. Овие спомен бисти во таква состојба беа и лани кога исто така се положија цвеќиња.
Една година ништо не е променето иако тогаш општинските власти рекоа дека ќе бидат преземени мерки за нивно реставрирање, но до годинашново одбележување спомен бистите се во иста состојба, освен што бистата на Јаким Стојков кој беше сквернавена со разни бои по лицето сега боите се отстранети, но бистата на места и натаму е оштетена.
Спомен бистата на првоборецот Милојко Пантелиќ кој исто така загинал во Втората светска војна е исчезната, останал само постаментот поставен кај стариот Здравствен дом во Штип, а кај новиот Здравствен дом оштетена е спомен бистата на првоборецот Боро Арсов.
Претседателот на Сојузот на борците Перо Мицевски вели дека тие до Општината доставиле комплетен извештај за оштетените споменици и спомен обележја затоа што од порано била потпишана спогодба за соработка со која одбележувањето на значајните настани и имиња да биде грижа на Сојузот на борците, а одржувањето на спомениците да биде во надлежност на Општината.
Минатата година Општината експресно изработи нова спомен-плоча и е ставена кај куќата каде е роден поетот Ацо Шопов на местото на старата која беше искршена. По овој настан Општината го задолжила ЈП Исар да ги одржува спомениците. Истовремено како што вели градоначалникот на Штип Благој Бочварски во тек била изработка на комплетна студија со адекватни институции да извршат обновување на сите оштетени споменици. Исто така, во буџетот за 2020 година усвоен завчера биле предвидени неколку ставки за одржување на спомениците.
Т. ЈОВАНОВСКИ