Судијата од Основниот суд Скопје 1 Горан Бошевски ќе мора со пресуда да го ослободи избеганиот експремиер Никола Груевски, а не само со усно кажување и нотирање на решение во записникот на судењето за „Траекторија“, како што направи пред еден месец.
Решението го донесе Апелациониот суд Скопје и оттаму за САКАМДАКАЖАМ.МК го образложуваат:
“Судијата требало да донесе пресуда со која ќе го одбие обвинението против Н. Г., а не со решение да ја запира постапката, бидејќи расправата веќе почнала”.
Груевски е обвинет за примање награда за незаконито влијание. Тука не спаѓа делото за наводно земање мито во висина од пет посто од целата сума за која државата се задолжи кај кинеската Ексим банка за да ја избере незаконски кинеската компанија Синохидро да ги гради двата автопата во Македонија. За тоа има отворено посебна предистрага и таа е уште активна.
Во „Траекторија“, за оштета на државниот буџет од околу 155 милиони евра, обвинети се Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски, за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Нивните дела не застаруваат, туку само тоа на Груевски кој влијаел споменатите тројца негови најблиски соработници со незаконски тендер во кој воопшто не ги зеле предвид останатите пониски понуди, да ја изберат кинеската Синохидро.
С. К. ДЕЛЕВСКА