ОТВОРЕНА ПРЕДИСТРАГА ЗА „5% ОД ЦЕЛОТО“, ПРОВИЗИЈАТА ШТО ЈА БАРА ГРУЕВСКИ ОД КИНЕЗИТЕ ОД КРЕДИТОТ ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТИТЕ

    ОТВОРЕНА ПРЕДИСТРАГА ЗА „5% ОД ЦЕЛОТО“, ПРОВИЗИЈАТА ШТО ЈА БАРА ГРУЕВСКИ ОД КИНЕЗИТЕ ОД КРЕДИТОТ ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТИТЕОваа финансиска истрага неодамна е почната во Специјалното јавно обвинителство, но ќе се префрли во редовното, под кое што одат специјалните обвинители, сосе нивните предмети. - Поранешниот премиер Никола Груевски и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во увид на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид (архивска фотографија)

    Избеганиот поранешен премиер Никола Груевски е под истрага во нов предмет како осомничен дека зел провизија за изградба на кинеските автопати. Овој предмет е надвор од „Траекторија“ која се однесува на изборот без тендер на кинеската компанија „Синохидро“, која била со поскапа понуда и со чиј избор за изведувач државата е оштетена за 155 милиони евра.

    Предистражната постапка е тајна и според неофицијалните извори со неа е опфатен ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и други лица.

    Оваа финансиска истрага неодамна е почната во Специјалното јавно обвинителство, но ќе се префрли во редовното, под кое што одат специјалните обвинители, сосе нивните предмети. Кој ќе продолжи да ја води, не се знае, бидејќи Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески уште не ги распоредил истрагите кај обвинители и кај обвинителства.

    Разговор помеѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски, објавен како дел од 14. бомба на тогашниот опозиционер Зоран Заев на 26 март 2015:

    НГ: Миле што правиш?

    МЈ: Добро, кај Кире сме на гости.

    НГ: Кај кого?

    МЈ: Кај Кире, Кире.

    НГ: А така. За ова ти колку предлагаш?

    МЈ: 5 на целото.

    НГ: Што 5 на целото?

    МЈ: 5%.

    НГ: Не, не у точен износ колку?

    МЈ: Па сега зависи колку ќе биде, помеѓу 15 и 18.

    НГ: Ти како, како процент збореше таму или како бројка точна?

    МЈ: Па…тие го спомнаа тоа, и генерално си е океј вака тоа. 5 на тоа што ќе помине. Тоа зависи од понудата, ама помеѓу 15 и 18 би се движело, согласно некои проекции колку би понудиле.

    НГ: Ќе ти прифатат толку?

    МЈ: Ако му кажиме ќе прифатат, да, не е тоа ништо. И на другото е толку.

    НГ: Да не е многу бе, а? Да не се претера, претера новинарството.

    МЈ: Еве ја одев по некоја аналогија од претходното, и…и тие спомнаа во една прилика така. А, три е… три е онака коректно.

    НГ: Мхм. Пробај со 15 да видиме како ќе ти реагираат, па ајде, јави се.

    МЈ: Океј.

    НГ: Ајде.

    Станува збор за автопатите Кичево-Охрид и Скопје-Штип, за кои државата се задолжи со кредит од 580 милиони долари од кинеската Ексим банка. Рокот за отплата на кредитот за автопатите е 20 години, со 5 години грејс период. Автопатот Скопје-Штип е пуштен во употреба, додека автопатот Кичево-Охрид треба да биде готов до јуни 2021 година

    Груевски, кој доби азил во Унгарија, во „Траекторија“ е обвинет само за примање награда за противзаконито влијание и како на обвинет за полесно кривично дело, поради одолговлекување на судењето низ судските лавиринти, нему во октомври 2019 година му застарува кривичното гонење. Тука главни обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата се обвинети: Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски. Груевски е обвинет дека влијаел како нивен претпоставен да го истуркаат низ Собрание законот со кој државата треба токму за „Синохидро“ да се задолжи, насока од нивниот претпоставен која обвинетите ја исполниле докрај и ја оштетиле државата со тоа што не ја ни зеле предвид пониската понуда од минус 155 милиони евра за изградба на автопатите.

    Сомнежот е дека тоа инсистирање на Груевски потекнувало од можноста за земање провизија токму од кредитот за автопатите што го зел тој како премиер, а го враќаат граѓаните, поради што бил отворен посебен предмет во СЈО за провизиите.

    „Обвинетиот Никола Груевски, мотивиран од ’пет на целото‘, го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетиот Владимир Пешевски, како вицепремиер, и Миле Јанакиески, како министер за транспорт и врски, да извршат избор на компанија за изградба на автопатите без да спроведат постапка за јавни набавки“, навести обвинителката од СЈО Лиле Стефанова во воведните зборови на судењето за случајот „Траекторија“, кое почна дури на први март 2018 година, 9 месеци откако обвинението беше поднесено.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари