КРИВИЧНИОТ СУД ГО СПАСИ ГРУЕВСКИ ОД ОБВИНЕНИЕТО ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ

    КРИВИЧНИОТ СУД ГО СПАСИ ГРУЕВСКИ ОД ОБВИНЕНИЕТО ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИПет месеци судот дозволуваше секој од адвокатите на обвинетите во „Траекторија“ по 20, па и 30 пати да ги кажат веќе кажаните приговори, само за да не почне судењето за кинеските автопати. „Траекторија“ е единствениот судски процес од кој до денес нема фотографија, и покрај тоа што сите новинари имаат одобрение за снимање од Врховниот суд. - Груевски пристигнува во судот за рочиште од „Траекторија“ на 17 април 2018 (Фото: СДК.МК)

    Со директна помош и впрегнување на сите сили на Основниот суд Скопје 1, на избеганиот експремиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Груевски следниот месец му застарува кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ во случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), за кое казната е до три години затвор.

    САКАМДАКАЖАМ.МК присуствуваше на сите судски рочишта за „Траекторија“, за изградбата на кинеските автопати, и сумираше како девет месеци тоа судење никако не почнуваше. Обвинението беше поднесено на 30 јуни 2017, а воведните зборови обвинителката Лиле Стефанова, поради блокадите што ги дозволуваше судијата, ги даде дури на први март 2018.

    Вакви примери да не се дозволи 9 месеци да почне судење за организиран криминал, при обвинение во кое се тврди дека обвинетите ја оштетиле државата за 155 милиони евра, не само што не се забележани, туку и не се дозволени во земјите со владеење на правото, велат судии. Претседател на Основниот суд Скопје 1 во тој период беше врховниот судија Стојанче Рибарев.

    Првин, СЈО со месеци мака мачеше судот да му ги одобри поднесените 17 обвиненија на 30 јуни 2017. Обвинението за „Траекторија“ беше одобрено дури на први ноември таа година, 5 месеци по поднесувањето. Тука за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата, што е многу потешко дело од тоа на Груевски, обвинети се поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски.

    Груевски е обвинет дека како нивни претпоставен влијаел врз тројцата да го извршат кривичното дело, за тој и партијата ВМРО-ДПМНЕ која беше на власт да ќарат политички поени.

    По одобрување на обвинителниот акт, закажани беа неколку рочишта и тука се виде однесувањето на Основниот суд Скопје 1 кон обвинетите и блокирањето на секој можен начин на застапникот на обвинението. Неколку факти од судењето:

    • На рочиштето на 06.12.207, на самиот почеток одбраната побара главната расправа да биде снимена. Бидејки судот не беше технички подготвен расправата да се снима, рочиштето беше одложено.
    • На 18.12.2017, до почеток на главната расправа не дојде поради бројни приговори на одбраната. Судијата ги регистрираше сите до еден, дури и најбесмислените, дури и кога се повторуваа и се повторуваа и беа истите кажувани по стопати од секој од присутните адвокати на секој од обвинетите. Се истроши времето кое тој предмет го имаше за судската сала во бескрајни приговори од обвинетите, рочиштето беше одложено.
    • На закажаното судење на 26.12.2017, не дојде до почеток на главната расправа, поради најавената измена на составот на судискиот совет и поради доцнењето на обвинетиот Никола Груевски, кој престана да доаѓа навреме на рочиштата, а тие не почнуваа без него. Течеше времето за зафатеноста на судската сала. Груевски ниеднаш не беше ниту опоменат, ниту казнет што доцни. Ликот на судијата беше зад мониторот од компјутерот, тој речиси и не погледнуваше во обвинетите. Зборуваше тивко и неразбирливо за јавноста во судницата.
    • На рочиштето на 31.1.2018, поради изменетиот состав на Советот, одбраната ги повтори сите претходно дадени приговори по кои судот одлучуваше и диктираше буквално се во записник. Беседењата на адвокатите беа неподносливо долги. Сето тоа го има регистрирано во судските записници, кои еден ден ќе ги читаат повисоките судови, ако не и Судот во Стразбур.
    • На рочиштето на 14.02.2018, одбраната продолжи со повторување на сите претходно дадени приговори по кои судот записнички одлучуваше, а на постојаното повторување на исти приговори надвор од одредбите на ЗКП реагираше предметниот јавен обвинител Лиле Стефанова. Но, попусто. Судењата за еден од најголемите случаи на Специјалното обвинителство „Траекторија“ се закажуваа на еден месец. Не постоеше интерес од судот да се забрза еден ваков случај од организиран криминал, да се забрза постапката и ако се обвинетите виновни, 155-те милиони евра побрзо да им се вратат на граѓаните.
    • На рочиштето на 01.03.2018, расправата се снимаше. Конечно беа дадени воведните говори и од страна на СЈО.

    Тактиката на Груевски и тука се покажа успешна. Тој ќе се спаси, но на неговите соработници делата им застаруваат дури во 2023.

    Груевски од ноември 2018 има азил во Унгарија, каде избега за да не ја отслужи двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, за набавката на мерцедесот од 600 илјади евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира