Воздухопловна база на американски и сојузнички трупи во Ирак беше погодена од ракети, велат безбедносни извори на САД. Базата Ал-Асад е погодена со повеќе ракети, но нема податоци за евентуални жртви. Иранската државна телевизија објави дека Иран испукал „десетици“ ракети земја-земја, како одмазда за убиството на генералот Касем Солејмани, кој вчера беше погребан.
Базата Ал-Асад се наоѓа во западнаtа ирачка провинција Анбар, а првпат беше користена од американските трупи во 2003 при инвазијата со која беше урнат режимот на Садам Хусеин. Подоцна во базата беа сместени американsките трупи кои војуваа против ИСИС во Ирак и Сирија.
Иранската телевизија рече дека операцијата се вика „Маченикот Солејмани“, а нападот го извела воздухопловната дивизија на гардата со која тој командуваше.
Иран се закани со сурова одмазда за смртта на Солејмани кој беше убиен во петокот во Ирак по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.