ЦРНО-БЕЛАТА ВЕРЗИЈА НА „ПАРАЗИТ“, КОЈ ИМА 6 НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР, ПРЕМИЕРНО НА ФЕСТИВАЛОТ ВО РОТЕРДАМ

    ЦРНО-БЕЛАТА ВЕРЗИЈА НА „ПАРАЗИТ“, КОЈ ИМА 6 НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР, ПРЕМИЕРНО НА ФЕСТИВАЛОТ ВО РОТЕРДАМНајголемата ѕвезда во Ротердам ќе биде јужнокоејскиот автор Бонг Јон-хо, кој е номиниран за Оскар во 6 категории со „Паразит“, меѓу кои и за најдобар филм и за најдобар режисер, а на фестивалот ќе ја претстави светската премиера на црно-белата верзија на филмот и ќе одржи мастерклас. (Фото: ИФФР)

    „Комарец“ на португалскиот режисер Жоао Нуно Пинто, приказна за Првата светска војна раскажана од неочекуван агол за патешествието на 17-годишен португалски војник низ африканската пустина во 1917, ќе го отвори вечерва 49. издание на филмскиот фестивал во Ротердам, најголемиот фестивал за независен филм, во чии селекции за награди фокусот е на дебитантски, втори или трети филмови на авторите. Најголемата ѕвезда на фестивалот ќе биде јужнокоејскиот автор Бонг Јон-хо, кој е номиниран за Оскар во 6 категории со филмот „Паразит“, меѓу кои и за најдобар филм и за најдобар режисер. Јон-хо во Ротердам ќе ја претстави светската премиера на црно-белата верзија на „Паразит“, а ќе одржи и мастерклас.

    „Комарец“ на португалскиот режисер Жоао Нуно Пинто ќе го отвори фестивалот. (Фото: ИФФР)

    На фестивалот што трае до 2 февруари, во конкуренцијата за престижната награда Златен тигар се 10 филмови, по традиција дебија, втор или трет филм на авторите. Неколкумина од авторите се повратници во селекцијата за Тигар, како Луис Лопез Караско кој во 2014 беше тука со „Иднината“. Со Тигарот има и парична награда од 40.000 евра, а пак за Специјалната награда на жирито има и 10.000 евра.

    Мастеркласи ќе имаат и авторите Бонг Јон-хо, Теренс Нанс, Марион Хансел, Џен Нкиру, Педро Коста и Бет Б. (Фото: ИФФР)

    Во новите натпреварувачки програми воспоставени во изминативе 3 изданија, 15 дебија се во трка за награда во Светла иднина со 10.000 евра за победникот, а 9 се во Голем екран при што победникот ќе добие кинодистрибуција во Холандија.

    Во конкуренцијата за престижната награда Златен тигар се 10 филмови, по традиција дебија, втор или трет филм на авторите. (Фото: ИФФР)

    Директорот на фестивалот Беро Бејер вели дека е многу задоволен од селекцијата.

    „Од експериментална милениумска автофикција до шпанска класна освестеност, од жесток корејски криминал до живот во хинду-националистичката Тамил Наду, од џунглите на Венецуела до улиците на Грција – сите филмови во конкуренцијата Тигарот зрачат со силно чувство за лична нужда и филмска релевантност, поттикнати со режисерски визии кои ги уриваат границите“, вели Бејер.

    Од следниот месец Ротердам го презема новата директорка, продуцентката Вања Калуѓерчиќ, родум од Хрватска но која работи во Париз и во Холандија. (Фото: ИФФР)

    Ова е последно издание на чело со Бејер, веќе од следниот месец Ротердам го презема новата директорка, продуцентката Вања Калуѓерчиќ, родум од Хрватска но која работи во Париз и во Холандија. Таа ќе го подготвува јубиленото 50-то издание на фестивалот, а во интервјуата минатиот месец кога беше објавена како нова директорка, меѓу другото, рече и дека нејзина цел е во фестивалските програми да има што повеќе филмови од разновидната дијаспора која живее во Ротердам – оти тоа е потенцијална публика која фестивалот треба да ја привлече.

    Над 350 филмови ќе играат во десетина програми во ова издание, а двете ретроспективи се посветени на њујоршката андерграунд режисерка Бет Б и на 70-годишната белгиска авторка Марион Хансел, кои ќе имаат и мастерклас.

    Специјален настан годинава е проекцијата на „Судир“ на Дејвид Кроненберг од 1996, на која музиката на Хауард Шор во живо ќе ја изведува Ротердамскиот филхармониски оркестар. Канадскиот композитор Шор ќе има и мастерклас на кој ќе зборува за својата долга кариера како и за соработката со Кроненберг на „Судир“.

    Фестивалот на 2 февруари ќе го затвори „Убав ден во соседството“ на американскатаа авторка Мариел Хелер, со Том Хенкс. (Фото: ИФФР)

    Паралално со фестивалот се одвива и еден од најголемите филмски маркети Синемарт, каде 17 избрани филмски проекти од Бразил до Јужна Африка и од Филипини до Романија ќе се презентираат пред продуценти, фондови и финанисиери од Европа и светот.

    Фестивалот на 2 февруари ќе го затвори „Убав ден во соседството“ на американскатаа авторка Мариел Хелер, со Том Хенкс.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира