Симболичниот Часовник на судниот ден, кој најавува колку блиску е нашата планета до целосно уништување, ги помести стрелките на само 100 секунди до полноќ.
Билтенот на атомските научници (БАС) соопшти дека промената е направена поради зголемената нуклеарна закана, сајбер дезинформациите и неуспехот да се справиме со климатските промени. Часовникот сега е најблиску до судниот ден откако почна да чука. Проектот почна во 1947 година за да го предупредува човештвото на опасностите од нуклеарна војна.
Минатата година, часовникот беше поставен на две минути до полноќ, кој симболизира крај на светот, а таму беше и во 2018.
„Времето сега го мериме во секунди место во минути бидејќи моментот заслужува големо внимание, а нивото на закана се влошува“, изјави претседателката на БАС Рејчел Бронсон.
Одлуката за поместување на стрелките ја носи Бордот за наука и безбедност, во кој членуваат и 13 нобеловци.