ДОЛНИОТ ТЕК НА РЕКАТА БАБУНА УЗУРПИРАН ОД ДИВОГРАДБИ

ДОЛНИОТ ТЕК НА РЕКАТА БАБУНА УЗУРПИРАН ОД ДИВОГРАДБИДосега до локалната власт биле поднесени 60 барања за легализација на диво изградени објекти, но ниедно не e одобрено (Фото: СДК.МК)

Тажна е глетката во долниот тек на реката Бабуна.

Узурпиран простор, брегот на реката освоен од десетина новоизградени дивоградби. Омилениот излетнички простор на велешани е освоен од поединци кои приграбиле дел од природата за лични цели. Иако на 50 метри широчина од крајбрежниот појас не може да се гради, тоа не пречело да никне населба во овој предел, кој во 2001 година локалната власт го прогласи за карактеристичен пејзаж.

Бројот на дивоградби секоја година сѐ повеќе се зголемува, а со тоа и револтот на граѓаните, кои очекуваат решителна акција од локалните власти, оти отпадните води и канализацијата завршуваат во околината на реката.

Локалната власт бара решение од државните органи како пределот на Пешти да биде достапен за сите граѓани (Фото: СДК.МК)

„Во меѓувреме законската регулатива е променета и состојбата драстично се промени. Затоа е потребна ревалоризација, за да најдеме начин да го заштитиме овој предел кој за велешани е омилен како излетничко место. Има карактеристични флора и фауна, кои треба да се сочуваат и заштитат со соодветна законска регулатива. Досега не е легализиран ниту еден објект. Затоа бараме консултации со надлежните од Владата како да постапуваме“, вели градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

Тој реагира и што дивоградбите имаат струја, што е недозволиво.

Заменикот министер за животна средина Јани Макрадули, при неодамнешната посета на областа изјави дека во моментов превладуваат темите со загадувањето на животната средина и ретко кој апелира за узурпација на природните богатства.

Бројот на дивоградби секоја година сѐ повеќе се зголемува, а со тоа и револтот на граѓаните (Фото: СДК.МК)

„Треба да се направи проценка. Врз база на големината, а согласно Законот, ако се работи за површина помала од 100 хектари, тогаш е доволно да се прогласи за природна реткост. Доколку е поголема, потребно е да се направи ревалоризација на убавините, да се оценат карактеристиките кои ги има и да потпадне во категориите кои ги има во Законот“, кажа Макрадули.

Досега до локалната власт биле поднесени 60 барања за легализација на диво изградени објекти по течението на Бабуна. Но, откако е донесен Законот, тројцата градоначалници Петров, Чадиев и Коцевски не потпишале ниту едно барање.

Неодамна, до локалитетот Пешти беше асфалтиран пат во должина од 2,6 километри. Градоначалникот Коцевски најави дека од МВР ќе бараат согласност овој пат да го прогласат за велосипедска патека, кој во еден дел наутро и навечер би го користеле и автомобили.

П. ПЕЧКОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира