Потпретседателот на САД Џозеф Бајден попладнево допатува во Белград, во проштална балканска турнеја. Покрај Србија, тој ќе го посети и Косово.
На аеродромот Никола Тесла, Бајден и неговата сопруга беа пречекани на традиционален начин, со леб и сол послужени од момче и девојка облечени во народна носија. Нивен домаќин е српскиот премиер Александар Вучиќ.
Српските медиуми јавуваат дека посетата на вториот човек на американската администрација е позитивен сигнал од официјален Вашингтон за интеграцијата на Србија во ЕУ. Медиумите потсетуваат дека САД одиграле активна улога во неодамнешната деблокада на процесот за отварање на преговорите со ЕУ.
Ни американската, ни српската страна не најавија што ќе биде тема на разговор помеѓу Бајден и Вучиќ, но се претпоставува дека ќе се отвори прашањето за дијалогот меѓу Белград и Приштина, односите со Русија, мигрантската криза, палењето на американската амбасада во Белград…
Нови момент во односите на двете земји е тоа што во март оваа година Бајден му се јавил на Вучиќ и на 17 годишнината од бомбардирањето на Србија од НАТО силите му пренел жалење за цивилните жртви, како и обновувањето на директната авионска линија Белград – Њујорк, која ја одржуваше поранешната компанија ЈАТ пред распадот на СФРЈ.