Психијатриски пациенти хоспитализирани во Психијатриската болница во Демир Хисар работеа на дела инспирирани од македонското културно наследство, а изложбата ќе се отвори денеска во 12 часот во Музејот на Северна Македонија.
Изложбата е насловена „Охрид/ поглед од другата страна“, а како што вели авторката на проектот, историчарката на уметност Јасмина Котевска, ќе бидат поставени ликовни дела и фотографии на група психијатриски пациенти, кои учествувале во две работилници за кои имало организиран тридневен престој во Охрид и разгледување на неговото културно наследство.
Изложбата е во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Суводол, Демир Хисар и Музејот, како дел од проектот „Многу луѓе – многу погледи“ кој беше селектиран помеѓу десетте најдобри приказни на повикот „Приказни за европското културно наследство“ во програмата „Европски денови за културното наследство“, поддржана од Советот на Европа и Европската комисија.
„Целта на приказната е да се претстави и сподели македонското културно наследство, како дел од заедничкото европско наследство, преку очите на една маргинална група – психијатриски пациенти. Идејата во тоа да се вклучат лица со ментални болести – во нашата приказна целна група беа лица кои се хоспитализирани со различни форми на шизофренија – пред сѐ, се заснова врз европските вредности за почитување на слободата, демократијата, еднаквоста и почитувањето на човековите права, вредности кои еднакво важат за секоја единка во светот во кој живееме. Учесниците имаа можност да го истражат културното наследство на Охрид (материјално, нематеријално и природно) и истовремено низ своите фотообјективи да направат една негова фотодокументација. Дообликувајќи ја ликовно приказната низ лични осознавања, тие дадоа свој придонес кон промовирање на овој град – скапоцен камен на нашата земја. Фотографиите се настанати спонтано, додека ликовните дела се изработувани по тематски предлошки избрани по желба на учесниците, но и по спонтани замисли“, вели Котевска.
Б. НЕСТОРОСКА