ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД НЕМА ЛОВ НА ОХРИДСКА ПАСТРМКА ЗА ВЕШТАЧКИ МРЕСТ, ОВАА РИБА ЈА ИМА СÈ ПОМАЛКУ

    ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД НЕМА ЛОВ НА ОХРИДСКА ПАСТРМКА ЗА ВЕШТАЧКИ МРЕСТ, ОВАА РИБА ЈА ИМА СÈ ПОМАЛКУРиболовот за вештачки мрест на охридска пастрмка се врши во периодот од 20 јануари до крајот на март (Фото: СДК.МК)

    Втора година по ред не се врши лов на охридската пастрмка за вештачки мрест, од која во овој период се собира икра. Од надлежното министерство велат дека причината е немање концесионер.

    „Вештачкиот мрест и порибувањето на риболовните води го вршат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку регистрирани репроцентри. Рибарите кои го изведуваат ловот на матици тие ги обезбедуваат од концесионерот. Доколку на риболовната вода нема концесионер, истите мора да ги обезбедат како јавна набавка на услуга, согласно Законот за јавни набавки. Имајќи предвид дека договорот за концесија е раскинат, а периодот за обезбедување рибари кои ќе го изведуваат мрестот е краток, во 2020 година тој нема да се реализира”, изјави Соња Трпчевска-Јанковска, советник за односи со јавност во кабинетот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

    Оттаму посочуваат дека од истата причина и лани немало лов на пастрмката за вештачки мрест.

    Во врска со тоа дали ова ќе се одрази врз популацијата на пастрмката во Охридското Езеро, од Министерството нѐ упатија да се обратиме до надлежните институции од областа на рибарството.

    Од Хидробиолошкиот завод во Охрид со години предупредуваат дека охридската пастрмка сѐ помалку ја има во езерото, а во меѓувреме се појавија и сѐ повеќе рибокрадци.

    Риболовот за вештачки мрест на охридска пастрмка се врши во периодот од 20 јануари до крајот на март. Со години, Хидробиолошкиот завод собираше по 1,5 милиони икри од оваа ендемска риба, од која во неговите базени се одгледуваа личинки. Претходно, риболов за вештачки мрест немало во 1998 година.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира