Новиот премиер на германската сојузна држава Турингија изјави дека ќе поднесе оставка откако победи на изборите со помош на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД).
„Оставка е неизбежна. Мора да има нови избори“, изјави Томас Кемерих од партијата Слободни демократи, чиј избор предизвика револт низ земјата.
Канцеларката Ангела Меркел ги нарече изборите „непростливи“ и побара да бидат поништени.
Со години, главните партии во Германија ја избегнуваат АфД, па вчерашните избори беа опишани како политички земјотрес. Кемерих победи со еден глас повеќе од Бодо Рамелов, при што клучна била поддршката од АфД. За него гласала и ЦДУ на Меркел.
„Мора да има нови избори. Ова е лош ден за демократијата, ден кој е спротивен на нашите вредности. Тоа не е начин на кој размислуваме во ЦДУ“, кажа Меркел.