Режисерот Бонг Јон-хо беше пречекан како херој во Јужна Кореја, каде што се врати една недела по големиот триумф со „Паразит“ на Оскарите.
Стотици новинари и фанови дојдоа на меѓународниот аеродром во Инчеон за да го поздрават Бонг, кој се заблагодари и кажа дека веднаш ќе преземе заштитни мерки против коронавирусот.
„Ви благодарам за аплаузите. Би сакал да ви возвратам со аплауз на сите вас затоа што така добро се справувате со коронавирусот. За таа цел, веднаш внимателно ќе ги измијам рацете. Среќен сум што се вратив дома“, кажа Бонг.
„Паразит“ освои четири статуетки на 92. церемонија на доделување Оскари, станувајќи прв филм од неанглиско говорно подрачје кој бил прогласен за најдобар филм. Меѓу другото, „Паразит“ го победи „Медена земја“ за Оскарот за најдобар странски филм.
Корејците масовно го прославија триумфот на Бонг, чии филмови оттогаш не престанаа да се прикажуваат на тамошните телевизии.