ЛИЗГАЛИШТЕТО ВО ТЕТОВО НЕ ПРОРАБОТИ НИ ТРИ МЕСЕЦИ ОТКАКО ПОЧНА ДА СЕ МОНТИРА

    ЛИЗГАЛИШТЕТО ВО ТЕТОВО НЕ ПРОРАБОТИ НИ ТРИ МЕСЕЦИ ОТКАКО ПОЧНА ДА СЕ МОНТИРАДел од објектот беше запален за новогодишната ноќ (Фото: СДК.МК)

    Ни после три месеци откако започна да се гради монтажното лизгалиште на плоштадот во Тетово тоа не е пуштено во употреба, а, најверојатно, нема ни да проработи оваа зима.

    Набрзо по почетокот на неговата изградба, работите од засега непознати причини запреа. За новогодишната ноќ, несовесни граѓани со пиротехнички средства запалија дел од лизгалиштето, при што беа оштетени оградата и дел од инсталацијата за правење мраз. Во гаснењето на пожарот интервенираше и тетовската противпожарна служба. И наместо веднаш да се санира штетата и да се догради лизгалиштето, тоа веќе три месеци стои вон употреба.

    Градоначалничката Теута Арифи вели дека штетата ќе се санира, но не е сигурна дали лизгалиштето ќе проработи оваа зима.

    „Нормално дека ќе се санира, но бидејќи е топло времето, не мислам дека ќе може да се користи. Многу ми е жал што добрите работи им пречат на луѓето“, изјави Арифи.

    Дека лизгалиштето ќе се санира најави и директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски. Тој вели дека надлежноста за одржување и функционирање на лизгалиштето е на Општина Тетово.

    Во август минатата година, Владата донесе одлука да се изградат седум монтажни лизгалишта во седум општини, меѓу кои и во Тетово. Вредноста на овој проект изнесуваше 228.000 евра. Лизгалиштата беа изградени во сите општини освен во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира