Волонтерите од Црвен крст за пет месеци им помогнале на 25.064 лица полесно да се снајдат во универзитетските клиники во Скопје, вели Министерството за здравство.
Проектот на Министерството и Црвениот крст почна лани во октомври, а до денес, помош од волонтерите побарале 25.064 лица на седум клиники, каде се поставени пунктовите. Волонтерите се лоцирани на седум најфреквентни локации во комплексот клиники „Мајка Тереза“, во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден.
„Волонтерите на Црвениот крст од искуствата на терен информираат дека најмногу пациенти побарале помош за упатување на интерните и на хируршките клиники“, додаваат од кабинетот на министерот Венко Филипче.