ЈАС ДА СУМ КАКО ИЗБЕГАНИТЕ ИСМАИЛОВИЌ И ДЕМИРИ, ЌЕ ДОЈДАМ ТУКА ДА ДАДАМ ДНК, КАЖА ФАТИМЕ ФЕТАИ НА „МОНСТРУМ“

    ЈАС ДА СУМ КАКО ИЗБЕГАНИТЕ ИСМАИЛОВИЌ И ДЕМИРИ, ЌЕ ДОЈДАМ ТУКА ДА ДАДАМ ДНК, КАЖА ФАТИМЕ ФЕТАИ НА „МОНСТРУМ“Судењето продолжува в петок, кога се предвидени да сведочат обвинителот Џелал Бајрами, Али Ахмети и Бујар Османи. - Обвинителката Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    По ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за првпат денеска на „Монструм“ застана да сведочи Љупчо Тодоровски, со прекар Радникот, кој бил директор на Јавна безбедност во МВР на 12 април 2012 година. Тодоровски беше повеќе интересен за обвинетите Фејзи Азири и Хаки Азири, особено поради тоа што тврдат дека тој влијаел со писмена препорака на Хаки да ги посочи сторителите на петкратното убиство кај Смиљковско езеро, а која изјава подоцна тој ја повлече бидејќи се премисли и го загуби статусот на заштитен сведок во овој случај.

    „Јас никогаш не сум терал некого да сведочи како загрозен сведок или да смени исказ со признание на вина. Никогаш во мојата кариера. Ако има такво наводно писмо со упатство осомничено лице што да зборува или што да не зборува, сакам да го видам сега тука и ќе видите дека ракописот не е мој“, сведочеше Тодоровски.

    Судењето се развлече во инсистирање на обвинетите Тодоровски да разјаснува за материјалните докази прибрани од местото на злосторството, дали тие биле веродостојни или не. Тодоровски им кажа дека директор на БЈБ не врши вештачења, туку само ги чита резултатите од форензичарите во специфични случаи, или каде што тој ќе оцени дека има потреба. На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи, Тодоровски одговори дека такви разговори во кои наводно му било кажан дека ќе се случи „нешто големо и крваво за Велигден“ не дошле до него и дека ако слушнал такво нешто, сигурно ќе презел нешто да не се случи. Ова тој го кажа во контекст на разговор од бомбите каде тогашниот возач на Љубе Бошкоски, извесен Зоран Трајковски, зборувал со соговорник дека на Тодоровски-Радникот му укажал дека има сознанија оти ќе се случи голем крвав настан.

    На обвинетите им беше дозволено, како и претходно со сведокот Гордана Јанкулоска, да прашуваат што сакаат во врска со обвинението за кое што се товарат, па имаше и прашања од типот „која била неговата разузнавачка мрежа, како ги добивал информациите од теренот, дали контактирал со меѓународни разузнавачки служби…“ што го развлече судењето цел ден во бескорисни прашања како за нив, така и за доаѓање до вистината кои се сторители на петкратното убиство. Дали се тоа токму тие и двајцата избегани во Косово, како што тврдат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски или се други лица како што тврдат обвинетите.

    При спорењето околу тоа дали фантомката најдена кај обвинетиот Самир Љута е на избеганиот Алил Демири, а не дека е негова, обвинителката Фетаи кажа: „Јас да сум како избеганите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, ќе дојдам тука и ќе дадам ДНК за да докажам дека фантомката не е моја“.

    Судењето продолжува в петок, кога се предвидени да сведочат обвинителот Џелал Бајрами, Али Ахмети и Бујар Османи. Советникот на Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, е оставен да сведочи на 27 март.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира