СТРУМИЧКИ ОСНОВЦИ СОБИРАА ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА И ДОБИЈА ПОДАРОЦИ ОД БРИТАНСКАТА АМБАСАДОРКА ГАЛОВЕЈ

    СТРУМИЧКИ ОСНОВЦИ СОБИРАА ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА И ДОБИЈА ПОДАРОЦИ ОД БРИТАНСКАТА АМБАСАДОРКА ГАЛОВЕЈАмбасадорката Галовеј ја поддржа акцијата во Струмица и ги охрабри децата да селектираат отпад и рециклираат (Фото: СДК.МК)

    Селектирајте го отпадот за да имаме здрава планета. Не ја фрлајте пластиката која може да се рециклира, оти векови се потребни да се разложи. Добро размислете дали сакате мориња и океани со риби или со пластични шишиња, им порача британската амбасадорка во Македонија Рејчел Галовеј на струмичките основци кои собираа пластични шишиња од своите училишта и ги складираа во посебни корпи на струмичкиот плоштад.

    Галовеј, која беше во посета на Општината и повеќе училишта, кажа дека мора да се бориме против климатските промени.

    „Климатските промени се резултат на нашата негрижа. Затоа, да се обединиме и да дадеме свој придонес во зачувувањето на нашата планета“, рече Галовеј, која на основците кои го собираа пластичниот отпад им додели пригодни подароци.

    Собраните пластични шишиња се складираа во посебни корпи на струмичкиот плоштад (Фото: СДК.МК)

    Акцијата се спроведе во соработка со еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица. Александар Лазаров истакна дека и покрај многуте апели, граѓаните и натаму не селектираат отпад и побара од надлежните конечно да постават корпи за селекција во Струмица.

    „Потребна е контуинирана едукација, но и поставување корпи, каде граѓаните ќе можат да ја складираат пластичната амбалажа што може да се рециклира. Овие шишиња што се собираа во соработка со четири основни училишта ќе се предадат во откупен центар, а парите ќе ги поделиме на лица со попреченост“, рече Лазаров.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира